Полицијата крена црвен аларм дека низ „дигиталните улици“ кружат фишинг-измами маскирани како службени известувања од системот „Безбеден град“. Лажни смс-пораки, меилови, веб-страници и пораки на социјалните мрежи се обидуваат да ги убедат граѓаните дека направиле сообраќаен прекршок и дека за тоа тие мораат веднаш да платат.
Мамката е линк којшто води директно во стапица, а целта се парите и лични податоци на луѓето. МВР со апел – не кликајте, не плаќајте и не споделувајте ништо ако пораката изгледа сомнително. Наместо тоа, повикуваат да се пријави во полиција.
А, експертите за сајбер-безбедност се на став дека измамниците допрва започнуваат.
„Она што е опасно во оваа приказна е дека повеќето од граѓаните едноставно по инерција дека добиле некаква порака, ќе кликнат без многу внимание. Мојот предлог, а знам дека не е лесно и нема да се случи веднаш – е целиот систем да има механизам за граѓанинот независно од пораката да потврди дека има прекршок и казна. Правилото што го препорачуваме како сајбер-безбедност и како луѓе од фелата е „проверете независно“ и тоа може да се употреби. Не кликајте на пораката, отворите си сајт, најавете се со ваша лозинка и независно од линкот. И видете дали таму пишува“, вели Божидар Спировски, експерт за сајбер-безбедност.
Ако ова не може да се спроведе тогаш многу ќе помогне Контакт-центар каде што ќе можат граѓаните да се обратат и да проверат, додава Спировски. Вчера се појави првиот обид за измама и според луѓето од сајбер-безбедноста истиот беше прилично неуспешен.
Следуваше соопштение на МВР, во кое се опишува како треба да изгледа официјалната порака од „Сејф сити“. Но, тоа упатство за граѓаните е и упатство за измамниците, вели Спировски.
„Прочитав дека МВР има дадено апел и упатство на што да се внимава. Но, јас тука би предупредил дека тоа упатство е многу корисно за нас како граѓани за да знаеме на што треба да внимаваме, но истовремено е упатство и за криминалците. Утре, истите тие криминалци ќе го лажираат тој формат на порака како што опишале од МВР дека треба да изгледа. Кампањата е веќе започната и ќе станува сѐ подобра и подобра. На криминалците им е многу едноставно да ја направат следниот пат подобра“, вели Спировски, експерт за сајбер-безбедност.
Според најавите на надлежните, официјалниот почеток на системот кој регистрира сообраќајни прекршоци е закажан за 1 февруари. Деновиве во тек е „пробниот режим“ за тестирање на камерите за сообраќајни прекршоци. „Сејф сити“ ќе се прилагодува до 31 јануари, со тоа што ќе се врши тестирање и калибрација на камерите, во периодот од 8 до 20 часот.
Петар Догов
