Општина Аеродром воведува мерката за целосно ослободување од комуналии за сите млади до 35 години што го градат, го доградуваат или го надградуваат својот прв дом.
Со оваа мерка, што се однесува за делот од комуналиите во надлежност на Општина Аеродром, младите добиваат значително финансиско олеснување и силна поддршка при нивниот животен чекор кон обезбедување сопствен дом.
Мерката е донесена на првата седница на Советот на Општина Аеродром. Правото може да го остварат лицата кои имаат најмногу 35 години на денот на поднесување на барањето, да бидат жители на Општината Аеродром најмалку две години.
Покрај овие два услови, градењето, доградувањето или надградувањето на првиот дом треба да е во сопственост на овие лица, а објекот да се гради со намена за станбена потреба.
„Заинтересираните треба да поднесат комплетна техничка документација согласно со Законот за градење, како и изјава дека објектот ќе го користат за сопствено домување најмалку десет (10) години“, стои во соопштението на Општина Аеродром.
Лицата кои планираат да стапат во овој процес ќе бидат ослободени од комуналии за изградба на индивидуална куќа, доградба на постоен станбен објект за индивидуално домување, јкако и надградба на постоен станбен објект за индивидуално домување.
Т.Д.
