Работодавачите во Македонија веќе исплатиле над 3,7 милијарди денари бруто-износ за регрес за годишен одмор или К-15, при што се уплатени и 372 милиони денари данок на личен доход. Исплатата се одвива на нешто повеќе од еден месец пред истекот на законскиот рок, кој трае до 31 декември.
Просечниот исплатен износ годинава изнесува 24.290 денари, што е значително над минимално пропишаните 18.141 денар.
Дел од компаниите исплаќаат повисоки износи, што ја зголемува просечната вредност на регресот. Досега К-15 добиле вкупно 137.840 работници од 11.046 компании, што е нешто над една четвртина од фирмите кои минатата година исплатиле регрес.
Очекувањата се дека интензитетот на исплатите ќе се зголеми значително во последниот квартал, кога најголем дел од компаниите традиционално ги исполнуваат законските обврски.
