На почетокот на следната недела, претседателот на Собранието ќе ги распише локалните избори во четирите општини во кои не беше исполнет потребниот цензус – на гласање да излезат една третина од избирачите, дознаваме неофицијално. Се работи за општините Гостивар, Маврово-Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа, каде ќе се повторува првиот круг од изборите. Во Собранието е пристигнат конечниот извештај на ДИК, што Гаши го чекаше за да може да донесе одлука за точниот датум.
- „Конечниот извештај за локалните избори од ДИК е пристигнат во Собранието, според тоа, претседателот ќе ги распише изборите за четирите општини, како тие би се одржале во законски предвидениот рок“, извастија од кабинетот на претседателот на Собранието.
Во меѓувреме, се вршеа и консултации со членовите на ДИК околу тоа, кој резултат ќе се смета за конечен за да може да почнат да течат роковите. Појаснето е дека тоа се резултатите од вториот круг, а со оглед на тоа дека тие беа обајавени на 12 ноември, од тој датум почнува да тече и рокот од 60 дена за одржување на изборите.Крајниот датум по оваа пресметка е 11 јануари.
Против ова се бунат од Алијанса за Албанците, кои сметаат дека законскиот рок за одржување на повторените избори почнува од 29 октомври, кога беа објавени конечните резултати од првиот круг. Бараат изборите да се одржат во декември, за да можат да гласаат и иселениците кои во текот на празниците ќе бидат во државата.
Далиборка Демјанска
Б.С.
