По втор спроведен инспекциски надзор на терен, Управата за заштита на културното наследство го задолжи Заводот и музеј- Охрид, во рок од 30 дена да преземе мерки за заштита и санација на Спомен – куќа на Владо Малески во Струга. Таа минатиот месец беше оштетена, откако на соседна парцела инвеститор започна градежни дејства за нов објект.
- Од страна на Управата до Заводот и музеј- Охрид е доставена информација во која Заводот и музеј- Охрид се задолжува да изработи проект за санација на постоечкиот објект, кажа Весела Честоева, директорка на Управата за заштита на културното наследство.
Во куќата се пронајдени етнолошки предмети што не биле евидентирани и нема да бидат дел од решението на случајот. Треба да се истражи дали инвеститорот на објектот , по барањето од Управата, го дефинирал начинот на уривање на постоечкиот објект , согласно мерките за заштита од оштетување. Но, според директорката на Управата, на инвеститорот му се заканува кривична пријава.
- Управата е во постојана комуникација и со Обвинителството и со МВР. Ќе биде поднесена кривична пријава за оштетување на културното наследство, вели директорката Честоева.
Според директорот на Завод и музеј- Охрид, за санација на куќата , прво ќе се направи проценка на штетата, а резултатите ќе им помогнат, паралелно со конзерваторските истражувања и увидот на лице место, да се почне со изработка на проект за санација на Спомен – куќата.
- Во меѓувреме ќе се контактира Општина Струга, која управува со објектот, за добивање согласност за понатамошни дејствија. Веќе се јавуваат поединци и компании кои сакаат финансиски и технички да помогнат, објектот што побргу да се врати во првобитна состојба. А, иста намера покажа и инвеститорот, вели Горан Патчев, директор на Завод и музеј- Охрид.
Од ОЈО -ГОК велат дека предметот е сѐ уште во предистражна постапка. Во ОЈО- Струга биле доставени резултати од вештачењето на нивно барање и се преземаат други дејствија за проверка и обезбедување докази.
Спомен- куќата на Малески има статус на значајно културно наследство. Нејзните темели беа поткопани, а јужниот ѕид и дел од кровот урнати при градежни активности за изградба на нова куќа на место на старата , што била лепенка со оштетената Спомен- куќа.
Сотир Трајков
