Занемарување на статусот на македонскиот јазик како службен јазик на државата. Вака од Здружението на преведувачи и толкувачи на Македонија, во писмен допис до јавноста, реагираат на укажувањата од колеги од сродни здруженија во регионот, дека наши официјални претставници на регионални или меѓународни конференции, работилници и други настани, не барале превод на македонски, туку користеле толкување од српски јазик. А, кога се обраќале пред присутните зборувале на македонски јазик, што за преведувачите од регионот е проблем, поради непознавањето на нашиот јазик и принуденоста да преведуваат од него, велат од Здружението.
„Сметаме дека ваквата практика не само што го занемарува статусот на македонскиот јазик како службен јазик на државата и на нејзините институции, туку и испраќа погрешна порака за неговото место во меѓународната и регионалната комуникација“, велат од Здружението на преведувачи и толкувачи на Македонија.
Од Здружението велат дека ја почитуваат соработката и размената на искуства, но инсистираат на почитување и афирмација на македонскиот јазик во сите официјални контексти, особено кога настапуваат претставници од државните институции. Апелираат Владата да испрати јасни насоки до институциите дека при секое учество на меѓународни или регионални настани, треба да се обезбеди превод на македонски јазик, согласно принципите на неговата службена употреба и релевантната легислатива.
Во писмото упатено до Владата и до Собранието на Македонија, од Здружението потенцираат дека се на располагање за стручна помош и консултации при организирање настани за кои треба превод.
Од Владата со одговор дека ќе го разгледаат барањето на ЗПТ и ќе ги видат состојбите за кои посочуваат, но од првичните информации велат дека станува збор за состојба која секогаш е во надлежност на организаторот на настанот. При организација на настани од страна на надлежни институции во целост ја почитуваме примената и употребата на македонскиот јазик, додаваат од Владата. Иако испративме прашања и до Генералниот секретар на Собранието на Македонија, засега нема одговор од таму.
Сотир Трајков
