Ураганот „Мелиса“ удри во Јамајка како олуја од петта категорија. Според податоци на американскиот Центар за урагани невремето попладнево стигна до копното, во близина на Њу Хоуп на островската држава и со себе носи ветриша со максимална брзина од 295 км/ч, пренесе „Ен-Би-Си њуз“.
Министерот за наука, енергетика и телекомуникации на Јамајка, Дерил Ваз изјави дека 240.000 корисници останале без електрична енергија, што претставува 35 отсто од сите потрошувачи на островот.
Поедини објекти веќе претрпеа штета додека силните ветрови разнесуваат покриви и делови од конструкции. Војската и противпожарните служби се подготвени за акции за спасување што мине „Мелиса“.
Според податоците на Националната океанска и атмосферска администрација, „Мелиса“ е еден од најсилните урагани што некогаш бил забележан во Атлантикот, со притисок од 892 милибари и ветрови од речиси 300 км/ч.
Истовремено, властите на Бахамите издадоа задолжителна наредба за евакуација на населението во неколку подрачја.
С.Д.
