Во НБА-лигата утринава имаше богата натпреварувачка програма со дури 12 натпревари. Лука Дончиќ беше расположен и ги водеше Лос Анџелес лејкерс до победа против Минесота.
Дончиќ постигна 49 поени во победата на Лејкерс од 128-110 против Минесота на домашен паркет. Словенецот стана само четвртиот кошаркар во историјата на НБА-лигата, кој во првите два натпревари од сезоната имал 40 или повеќе поени по Вилт Чемберлен, Мајкл Џордан и Ентони Дејвис. На отворањето на сезоната постигна 43 во поразот од Голден Стејт.
Утринава Дончиќ беше близу до трипл-дабл, бидејќи освен 49 поени, имаше и 11 скока и осум асистенции. Голема помош имаше и од Остин Ривс со 25 поени и 11 асистенции, додека Руи Хачимура реализираше 23. Кај Минесота најдобар беше Ентони Едвардс со 31 поен.
Во дербито на Источната конференција, Њујорк пред своите гледачи го победи Бостон со 105-95. Џејлен Брансон имаше 31 поен за Никс, додека кај Селтикс најмногу се истакна Џејлен Браун со 23 поени.
Јанис Адетокумбо постигна 31 поен со 20 скокови и го предводеше Милвоки до победа од 122-116 на гости кај Торонто. Кливленд оствари гостинска победа во Бруклин од 131-124, а Хјустон загуби од Детроит на домашен паркет со 111-115 и покрај 37-те поени на Кевин Дурент.
Портланд го изненади Голден Стејт со 139-119, а Клиперс беа подобри од Феникс со 129-102. Победи остварија и Сакраменто, Вашингтон, Сан Антонио, Мајами и Атланта.
