Поранешната директорка на прилепската болница и повеќе управители на фирми со кои биле склучувани тендери се меѓу 25-те осомничени и приведени во големата акција на финансиската полиција во Прилеп.
Обвинителството соопшти дека отворило истрага за повеќе кривични дела, бидејќи осомничените со своите активности ги повредувале прописите за јавни набавки. Според пријавата, предизвикана е штета од околу 700.000 евра.
„Осомничените, меѓу кои поранешната директорка, раководители и други вработени на болницата, но и управители на осомничени правни лица, преку постапки за јавни набавки за сервис на моторни возила, чистење на работните простории, сервис на водоводна мрежа, молерофарбарски услуги, физичко обезбедување, реконструкција на инфективното одделение, односно преку неизвршување на договорните обврски и незаконски промени на налози за исплата, предизвикале вкупна штета на буџетот на болницата „Борка Талески“ од 42.726.978 денари“, соопшти обвинителството.
Со истрагата се опфатени и седум фирми кои учествувале во спорните набавки. Сите се товарат дека имале „намера за себе или за друг да остварат значителна имотна корист, односно да предизвикаат значителна имотна штета на болницата, што е поткрепено и со наоди од извештај на Државниот завод за ревизија“.
Ова е продолжение на предистражната постапка започната уште во април годинава, кога беа извршени претреси на осум локации поврзани со болницата.
Директорот Кире Јоноски, именуван во 2024 година, веќе укажуваше на бројни неправилности и сомнителни трошоци – од набавка на скапи мобилни телефони, преку плаќање за услуги без договор, до трошење болнички пари за родендени и ресторански сметки, а болницата имала долг од над три милиони евра.
Миомир Серафиновиќ
