Контејнерите низ главниот град со денови се преполни, а околу нив може да се забележи голема количина на ѓубре кое секојдневно се повеќе се натрупува. Отпадот се шири по тротоарите и улиците, создава непријатен мирис и претставува ризик за здравјето на жителите. Граѓаните велат дека состојбата е алармантна и дека вакво нешто нема никаде во светот.
- „Се знае кој е виновен за состојбата со сметот. И ние имаме мал ден од вината, но сепак државата е таа што треба да го реши проблемот, односно да го исчисти ѓубрето“.
- „Ова не е првпат да биде вака. Надлежните сега ќе си ја префрлаат топката едни меѓу други“.
- „Ова е катастрофа. Вчера јас баш сликав дека тротоарот е преполн со ѓубре и мораше да одиме по улица. Вината ја гледам кај сите нас што не излеземе да се буниме за оваа состојба. Ова е нешто ненормално. Не верувам дека има на друго место во светот вакво нешто“, велат граѓаните.
Додека граѓаните бараат одговорност, институциите меѓусебно си ја префрлаат одговорноста. Од Град Скопје велат дека надлежност за чистење има Јавното претпријатие „Комунална хигиена“.
Во одговорот до нашата редакција посочуваат дека сите одлуки ги носат членовите на Управниот и Надзорниот одбор на претпријатието, кои ги избира Советот на Град Скопје.
- „ВМРО/ВЛЕН се власт во Град Скопје веќе четири години и имаа мнозинство во Советот, но не дозволија нова механизација, ниту вработување на нови чистачи и управувачи во Комунална хигиена. Со своите членови го управуваат претпријатието преку Управниот одбор“ -Град Скопје.
Од Комунална хигиена обвинуваат дека Министерството за здравство им должи над пет милиони евра, што предизвикува доцнење во исплатата на платите. Од Министерството за здравство го демантираат тоа и велат дека немаат никаква обврска кон претпријатието.
Од обвинителството велат дека постапуваат и собираат докази за евнтуално кривично дело.
- Јавниот обвинител издаде наредби до МВР и до други надлежни органи за итно постапување и проверки во однос на работењето на ЈП „Комунална хигиена“. Доставени се барања до комуналните инспекциски служби да извршат вонреден инспекциски надзор и да ја констатираат моменталната состојба – ЈОРСМ.
Владата ги задолжи надлежните државни инспекторати и Институтот за јавно здравје во соработка ос МВР да отпочнат со кооридниран вонреден надзор.
- „Се задолжува и Министерството за внатрешни работи, во соработка со надлежните институции, а се укажува на Град Скопје-Сектор инспекторат, да постапат согласно своите законски надлежности и да го испитаат работењето на ЈП Комунална хигиена-Скопје и градоначалникот на Градот Скопје во врска со несобирањето на комуналниот отпад, кој предизвикува опасност по здравјето на луѓето“ – Влада на РСМ.
За една недела во земјава ќе се одржи и најголемиот енерегетски форум. Нечистотијата со која градот се соочува веќе извесен период е лоша слика за гостите кои ќе присуствуваат на форумот. Па така министерството за енергетика на брифинг со новинарите рече дека се бара механизација и се подготвува работна акција да се исчисти ѓубрето пред стартот на овој форум на кој ќе присуствуваат претстваници од 70 земји.
Тамара Марковска
Б.С.
