Урнат е дел од спомен-куќата на писателот, првоборец, општественик и автор на текстот за македонската химна, Владо Малески во Струга. Значителното оштететување е направено при градежни зафати на инвеститор кој започнал да гради нов објект на местото на стара куќа, лепенка со куќата на Малески.
Пред неа е бистата на народниот херој Кузман Јосифовски Питу, што потсетува на настан од 1941 година, кога во негово присуство, како член на покраинскиот комитет на КПЈ за Македонија, во објектот се одржал конститутивен состанок на месниот комитет на КПЈ за Струга и струшко. Синот на Владо Малески, политичкиот аналитачар Денко Малески, во текст за Либертас вели дека уривањето на спомен-куќата ја покажува цената што се плаќа за односот на државата кон културно- историското наследство.
„Дури и во време кога парите се најважни, некои поинакви луѓе би ја вклопиле некако куќичката, музеј во новиот амбиент, ама не и ние. Како да ни е гајле за сѐ што се случувало пред нас. Ама и таквиот однос има цена. Затоа, еве ги зборовите на предупредување кои ми ги има кажано татко ми Владо Малески, зборови врз кои толку пати сум се замислил. Рече: „Без нашето дело, тонете длабоко, да знаеш“, напиша Денко Малески, политички аналитичар.
Реагираа и експерти. Според Никица Корубин, без разлика што спомен-куќата е поединечно заштитено добро, уривањето е уште еден упад на заштитено подрачје од УНЕСКО, зашто таа е во првата зона на заштита. Струга е заштитена со два закона и две институции – Заводот и музеј од Охрид и УЗКН, но и од Комисијата за управување со Охридскиот регион, која е под надлежност на Владата. За девастацијата на објектот се одговорни трите инстанци, смета Корубин.
„Врз основа на нивен проект Завод и музеј Охрид ја издал дозволата за инвестиција во соседниот објект. Меѓутоа, прашање е како во градско подрачје, во прва зона на заштита, која означува дека вие треба да го сочувате така како што е, е воопшто можно да се издаваат дозволи? – Односно, е воопшто можно самиот Завод или самата УЗКН која е за инспекциски надзор, што треба да го направи? – Меѓутоа, Комисијата за управување со културното наследство е под Управата. Што значи дека сите се инволвирани“, изјави Никица Корубин, магистер по историја на уметност и археологија.
Според Корубин, не може да се амнестира ни Општина Струга што ја издала градежната дозвола. Во телефонски разговор, градоначалникот на Струга, Мерко вели дека спомен-куќата е во надлежност на Министерството за култура и дека согласност за градење во нејзина непосредна близина дал Заводот и музеј од Охрид.
„Процедурата е правно направена како што треба . Дадена е согласност од Музејот од Охрид. И немаше можност да се спречи нешто што е издадено од страна на институциите“, ни изјави Рамиз Мерко, градоначалник на Струга.
Мерко испрати фотографии за изгледот на објектот што требало да се гради, но кажа дека на инвеститорот му се подготвува решение со кое се отповикува одобрението за градба, а тој треба да ја покрие штетата на спомен-куќата на Малески.
По увидот на терен и изготвениот извештај од Завод и музеј Охрид, денеска на терен излегоа и од УЗКН. Од таму велат дека целата процедура ја воделе согласно позитивните законски прописи.
Чинот на девастација на спомен-куќата го осудија и од Министерството за култура, од каде рекоа дека е урнат јужниот калкански ѕид и дел од кровната конструкција, при ископ за изградба на соседен објект.
Сотир Трајков
