Третманот на општеството кон луѓето на маргините на системот и нивната надеж да опстанат во неповолни околности, е темата на претставата „ Ангели во Америка “, со чија премиера на 1 септември Македонскиот народен театар ќе ја отвори новата сезона . Работена е според првиот дел од наградениот текст со Пулицерова и други награди, на авторот Тони Кушнер, кој важи за еден од највлијателните современи американски драмски писатели. Претставата е копродукција меѓу МНТ и Здружението за афирмација на театарската уметност „ Пресврт“, а режијата е на Филип Петковски. Според него, дискриминацијата на ЛГБТ заедницата во Њујорк, во 80 -тите години на минатиот век , за што пишувал Кушнер, е актулна тема денес кај нас. А, дејствието е доближено до нашата публика преку говорот на сленг.
- Во нашата земја мислам дека секогаш е право време, бидејќи на тоа поле кое што се однесува на човекови права или права на геј луѓе, немаме никаков особен напредок. Така што оваа претстава директно зборува за тоа. Преводот на текстот и драматизацијата се мои. Меѓутоа, бидејќи се работи за текст, за кој аплициравме и добивме авторски права, не можеме да правиме преголеми отстапки и адаптации. Авторските права налагаат дека текстот мора да оди во целина, како што е напишан. Со тоа не може да се прави адаптација, да се менува нешто од содржината или да се менуваат ликовите, да се прилагодат. Меѓутоа, преводот дозволува , односно не е преведено на некаков стандарден литературен јазик бидејќи тоа не ја доловува таа култура и не ги доловува тие луѓе кои се во 80-тите. Така што е преведен на некаков сленг. Со надеж дека тој јазик што го говорат актерите и тој превод , тој ќе е тој момент што ќе ја доближи претставата до македонската публика, вели Филип Петковски, режисер на претставата.
