Во Музејот на Град Скопје синоќа беше отворена изложбата „ Скопје за време на земјотресот и потоа“. Со неа оваа градска културна установа одбележа 62 години од катастрофалниот земјотрес што се случи на 26 јули 1963 година, во 5 часот и 17 минути . Според кураторот на изложбата, целта била потсетување и едукација на граѓаните и туристите за трагичниот настан кој засекогаш го смени лицето на градот.
Возрасните да се потсетат на катастрофалниот земјотрес од 26 јули 1963, а младите да се информираат за трагичниот настан и за урбанистичкиот развој на постземјотресно Скопје. Вака кураторот на изложбата „ Скопје за време на земјотресот и потоа“, Станко Неделковски, ја објаснува целта на поставката, распослана во две сали на Музејот на Град Скопје. Со неа оваа градска културна установа се вклучи во одбележувањето 62 години од земјотресот, кој што засекогаш го смени лицето на главниот град.
Во првата сала, од подот до плафонот се залепени фотографии кои сведочат за урнатините што зад себе ги оставил земјотресот, видеа на истата тема, објавени публикации, посветени на катастрофата и макета на Старата железничка станица , која што била урната за време на земјотресот, а денес таму е сместен Музејот на град Скопје.
- Претставен е елементот на урнатина , фотографии, многу фотографии непосредно по земјотресот и сакаме со оваа поставка, која би сакале да биде од траен карактер да може на секој посетител да му ја доловиме состојбата на градот во тие моменти, кажа Станко Неделковски- куратор на изложбата.
Огласната табла од првата сала, на којa се залепени фотографии од урбанистичкиот подем на нашиот главен град до 2000 година, ја воведува публиката во вториот дел од изложбата ,сместен во втората сала. Овдека се наредени фотографии од објекти, проектирани од домашни и странски архитекти, поединци и групи, кои работеле на обновата на градот, како дел од искажаната меѓународна солидарност, по која Скопје го доби епитетот град на солидарноста.
- Претставени се фотографии, некаде до 2000 година. На фотографиите се згради, објекти кои се изградени по земјотресот, по проектот на Кензо Танге , по проектот на наши архитекти. Да го видат Скопје како изгледало обновено по земјотресот, рече кураторот Неделковски.
Изгледот на денешно Скопје не е вклучен во изложбата зашто , како што вели Неделковски, идејата е тој да се доживее автентично . А, комплетниот материјал за поставката е од фундусот на Музејот на Град Скопје.
Сотир Трајков
