Светска банка со алармантни податоци за домашното стопанство. Предупредуваат дека земјава веднаш треба да направи реформи за да го доближи економскиот раст до европскиот, во спротивно уште 30 години ќе каскаме зад поразвиените држави.
Во најновиот извештај, кој од банката го презентираа пред пратениците, стои дека само 4 отсто од македонските фирми извезуваат, мал процент вложуваат во иновации. Ретко кој го шири асортиманот на производи и освојува нови пазари. Сметаат дека банките иако имаат пари, фирмите особено помалите тешко доаѓаат до кредити, затоа што немаат гаранции, а им недостасува и финансиска едукација.
„Важно е да се зголеми бројот на извозници, моментално извезуваат помалку од 4 отсто од фирмите, а за да се направи тоа потребни се државни програми за поддршка на извозот“, вели Татјана Марковска од канцеларија на Светска банка.
Од фискалниот совет велат дека некои проблеми со кои се соочува државата се провлекуваат со години. Сметаат дека за добра услуга потребно е да се плаќаат даноците, а политиката да ги тргне рацете од образованието – еден од секторите кој е од голема важност за бизнисот.
„Има мој колеги кои држат само два часа во текот на неделата и нивната плата е 180.000 денари бруто. Дневните политики да тргнат рака од образованието, почнувајќи од изборот на составот до менаџирањето на училиштето. Многу е лошо ако разберете дека на шест месеци се заменува, два пати еден директор на едно училиште, само затоа што не му се допаѓа на еден претседател на една партија“, вели Абдулменаф Беџети од фискален совет.
За директорката на УЈП податоците од Светска банка се показател дека пред нас се сериозни предизвици.
„Македонија има најлоши резултати во делот на оданочувањето и навистина е разочарувачка оценка и покажува дека пред нас престојат големи предизвици“, вели директорката на УЈП, Елена Петрова .
Од Светска банка презентираа неколку извештаи за нашата држава. Заклучоците во претходниот документ беа дека земјава треба да направи измени во даноците, акцизите, да ја зголеми старосната граница за пензионирање, но и придонесот и да се деполитизира јавниот сектор.
Ирена Чачкова
