Вести Култура

„Без крв“ – претстава за моќта на љубовта во поствоено време

Одмазда, простување, љубов во поствоено време. Ова се мотивите на протагонистите во претставата „Без крв“, чија македонска премиера се одржа во рамки на годинашниот интернационален театарски фестивал „Млад отворен театар“ (MOT). Претставата, работена според новелата на Алесандро Барико, во адаптација на Александар Секулов, што ја постави водечката бугарска режисерка Диана Добрева, е заеднички проект на театарот „Јордан Хаџи Константинов- Џинот“ од Велес и Драмскиот театар од Пловдив – Бугарија, во рамкие на двегодишниот меѓународен проект „Манифест“.

„Се работи за љубовта што се раѓа и само таа љубов може да ги затвори раните“, рече Александар Секулов, автор на драмската адаптација.

Фабулата ја следи Нина, од малечка до возрасна жена, која се одмаздува заради убиството на татко ѝ и на брат ѝ за време на граѓанската војна. Таа се среќава со Тито, кој бил дел од бандата ликвидатори, но не посегнал по нејзиниот живот.

„Тоа е жена од која не знаеш што да очекуваш. И една од репликите ѝ е – Ќе се воведе ред на таа ситуација на еден или на друг начин, зависи“, кажа Маргита Гошева, актерка во улогата на Нина (Доња Сол).

„Тито е еден човек што е спремен да умре во очите на жената која најмногу ја сака. Е сега, тоа е едноставно да се каже, а тешко да се еманира, театарски“, рече Васил Зафирчев, актер во улогата на Тито.

Дејствието е пренесено преку драмска игра, музика, сонгови и кореографија, доловувајќи ја шпанската корида, танцот, но и исламските песни – касиди. На тој начин, поетиката во која се спојуваат нежноста и суровоста од новелата на Барико е пренесена во претставата.

„Танцот е современ, јас сум современ кореограф. Меѓутоа ја има таа нитка на корида, на шпански манири затоа што претставата тоа го обработува“, кажа Олга Панго, кореограф на претставата.

Сценографијата е на Валентин Светозарев, костимите се авторство на Раде Василев и Елена Вангеловска, а музика компонираше Сашко Костов, во соработка со Јавор Карагитлиев. „Без крв“ е претстава која меѓучовечката љубов ја издигнува до цивилизациска потреба од емпатија, во ова време на сериозни геополитички превирања. Таа наредната година ќе биде изведена на фестивалот МИТЕМ во Будимпешта.

Сотир Трајков

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Рускиот министер за сообраќај претпладнево доби отказ, попладнево пронајден мртов

Дејан Дејан

Мотоциклистот кој смртно го прегази пешакот Николовски однесен во Шутка – судот му определи затворски наместо домашен притвор

Дејан Дејан

Сè е поскапено, инфлацијата повторно скокна, мерки засега во најава

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе