Во рамки на археолошките испитувања што се вршат последниот месец на локалитет кај струшкото село Корошишта, откриени се вредни златни артефакти, во некропола од Архајскиот период. Регистрирани се 80 наоди кои според вредностите наликуваат на оние од познатата Требенишка некропола. Тие ќе бидат конзервирани во Заводот и музеј Охрид, а нивната бројност укажува на потребата од отворање на посебен музеј.
„Овој надградник, дел од златната рака, златните прстени и сите останати наоди покажуваат дека покојникот кој е погребан таму и гробната архитектура, повторно ќе ја споменам бидејќи е импозантна – 7 метри должина и 4,5 метри ширина. Тоа ги надминува сите досега познати архајски некрополи на Балканот. Тоа покажува дека покојникот бил член на елитата, на фамилијата која владеела со овој простор. А, од 6 век пред нашата ера имаме од пишаните извори дека и Хелеите се распространети околу Охридското езеро“, кажа Перо Арџанлиев- археолог.
„Овие наоди не само што се од посебно значење за научниот и културниот аспект на истражувањето, туку ја надополнуваат и сликата за културно – историските и општествените прилики во регионот. Меѓудругото, убеден сум дека ќе имаат и позитивен ефект врз туризмот и врз економијата во Македонија“, рече Зоран Љутков, министер за култура и туризам.