Извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија за 2024 година е, речиси, идентичен со извештајот за 2023 година, рече Орхан Муртезани, министер за европски прашања, во вечерашната „Топ тема“ на ТВ Телма.
„Тоа што е добро, колку и да е мала, има блага тенденција на подобрување во однос на напредокот. Од 2019 година, до 2023 година, сите извештаи констатираа дека има уназадување во процесот, било на хармонизација, било во процесот на пристапување на земјата во Европската Унија. Тоа е што е добро во овој извшетај, колку и да е мал растот или подобрувањето, сепак, тенденцијата е благо кон подобрување“, рече Муртезани.
Според него, клучната е порака е дека со соодветен ангажман, посветеност и сериозност во спроведување на реформите, извештајот догодина може да биде уште подобар. Тоа, додаде Муртезани, зависи колку ние навреме ќе ги зајакнеме капацитетите и колку ќе се посветиме на спроведување на реформите.
