Светски познатиот виртуоз на виолина од Србија, Стефан Миленковиќ, се враќа пред македонската публика по пауза од 5 години. Тој утре вечер ќе настапи како солист на концертот со нашиот камерен оркестар Профундис, со кој за прв пат ќе свири. За програмата со дела од Сен-Санс, Чајковски, Масне, Бацини, Сарасате и Паганини, што ќе биде изведена во Македонската филфармонија, Миленковиќ вели дека е виртуозна, тешка, составена од т.н. шоу дела.
Програмата е многу динамична, изискувачка, препознатлива. И мислам дека сите утре ќе чујат зошто тие дела се толку познати, толку тешки, вели виолинистот, Стефан Миленковиќ.
Го паметиме од 80 – тите години на минатиот век како чудото од дете, во бел фрак. „ New York Times“ го нарече вистински виртуоз, а во Србија е прогласен за уметник на векот. Полето на делување Миленковиќ одамна го прошири преку настапи со музичари кои изведуваат друг стил музика што не е класична, а повеќе од 25 години е и педагог. Сѐ што постигнал во кариерата , за што освоил многу награди, Миленковиќ го објаснува како плод на работата на себе.
Односно, на некое истражување на сам себе и на некаква надградба, на некое подобрување, вели Миленковиќ.
За него „ Профундис“ е оркестар со творечка енергија, визија и знаење, како да се промовира класичната музика, а за нив е чест и одговорност што ќе го имаат како солист на концертот.
Ја финишираме концертната сезона на „ Профундис“ , токму со уметник од светски калибар како Стефан Миленковиќ, што за нас претставува привилегија, навистина голема чест и огромна одговорност, вели Ѓурѓица Дашиќ- диригент и уметнички директор на „ Профундис“.
Билетите за концертот се распродадени. Тоа значи живот за овој камерен оркестар и нови концерти , во поголема форма и со поголеми дострели, кажа членот на „ Профундис“, Јане Бакевски.
Сотир Трајков