Под притисоци и закани од раководителите за да не протестираат, дел од вработените во Македонска пошта дојдоа на протест, а синдикатот ги смирува дека максимално стојат позади нив и сѐ е според законските регулативи.
„Сакам да прашам дали од утре продолжуваме со протестот затоа што во мојата пошта секојдневно трпам притисоци и закани на работа да не протестирам, а сите права ми се скршени“, прашува вработен во пошта.
„Законот и Уставот ти гарантираат исплата на плата и ти доаѓаш на работа за плата за да можеш да обезбедиш леб на своето семејство. Законот го обврзува работодавачот до 15-ти да исплати плата, а денеска сме 22-ри плата нема и не знаеме кога ќе има“, одговара Боро Велигденов, претседател на Синдикатот на „Македонска пошта“ .
Загрижени за иднината на компанијата и нивните работните места, вработените од Македонска пошта и денеска излегоа на предупредувачки протест со цел да го искажат својот револт. Со години се соочуваат со финансиска криза и со лоша работна организација поради што претпријатието е на дното. И овој месец рокот за земање на плата до 15-ти е пробиен, а тие сѐ уште немаат прилив на сметките. Бараат од новата Влада нивниот проблем да го стави како приоритет.
„Владата еднаш засекогаш да се заземе за интересот на македонска пошта. Бидејќи 2.000 вработени ќе останеме на улица и македонска пошта ќе биде единствен пример во светот државна пошта да не функционира, односно да не постои“, вели Боро Велигденов, претседател на Синдикатот на „Македонска пошта“.
Синдикалните претставници очекуваат реформите да започнат што поскоро затоа што, како што велат, не им требаат 15 подружници и 15 директори, туку вработени во технолошкиот процес. Димитриевски со критики до Агенцијата за пошти.
„Имам уште еден апел до идната Влада малку да преземе мерки против Агенцијата за пошти. Тие од нас добиваат годишен прилив кој е доволно добар за да си ги земат нивните плати и да работат според законот за поштенски услуги. Имам информации дека во нашата држава се дистрибуираат пратки од соседни земји што е надвор од сите меѓународни прописи за поштенски сообраќај“, вели Сашо Димитриевски, претставникот на синдикат на „Македонска пошта“.
Вработените бараат финансова полиција и Државниот завод за ревизија да го проверат ова претпријатие. Доколку нивните проблеми не се решат тие најавуваат штрајк на 7-ми јуни.
Тамара Марковска