Седум години нема да може да работи како доктор, анестезиологот Ваљтон Дервиши, кој на социјалната мрежа ТикТок снимаше и емитуваше пациенти и медицински персонал. Одлука за привремено одземање на лиценцата за работа донесе Судот на честа при Лекарската комора на денешната седница, за што информираа преку соопштение. Согласно правните прописи, тоа е максимална казна што може да се изрече за етички прекршок во работењето.
- Лекарска комора на РСМ: Судот на честа утврди дека докторот сторил повреда на Кодексот на медицинска деонтологија на ЛКРСМ, како и Меѓународниот кодекс на медицинска етика. Докторот на медицина својата професија треба да ја врши совесно и одговорно со почитување на човековото достоинство. Тој е должен да ги почитува и штити правата на пациентите и да ја чува нивната доверба и тајност на медицинските податоци. Почитување на етичките норми е најважната основа на која лекарите секојдевно ги практикуваат своите стручни знаења во областа на медицина и ги лекуваат пациентите. И најстручниот лекар не е доволно добар лекар ако не ги почитува етичките норми и правила.
Од Лекарската комора велат дека нема да дозволат угледот на докторите да биде загрозен од неодговорно однесување на поединци во фелата.
Против лекарот, кој е во притвор, Обвинителен предлог поднесе Основното јавно обвинителство до Основниот суд во Тетово, за кривични дела – Несовесно работење во службата како и Неовластено снимање.
Данијела Билбилоска
