Во Рим попладнево е погребан Синиша Михајловиќ (54). Опело во базиликата „Света Марија“ служеше владиката австриско-швајцарски Андреј, а на церемонијата присуствуваше и српскиот патријарх Порфириј. Ковчегот од базиликата беше испратен со аплаузи и запалени навивачки факели од навивачите на Лацио.
На погребот на легендарниот фудбалер на Србија и поранешна Југославија се присуствуваа над 2.000 луѓе, меѓу кои и бројни фудбалски великани. Дејан Станковиќ, некогашниот негов соиграч од Лацио, Интер и репрезентацијата на Србија, пристигна во друштво на синовите Филип и Александар кој ги крстеше Михајловиќ.
На збогување кон вечното почивалиште во римската базилика беа и Драган Стојковиќ-Пикси, Ненад Бјековиќ, Владимир Југовиќ, Александар Коларов, Зоран Мирковиќ, Славиша Јокановиќ, тренерот на Партизан, Гордан Петриќ, итн… Голем букет со свежо цвеќе, како последен поздрав до Михајловиќ, донесоа и легендарните хрватски фудбалери Роберт Просинечки и Звонимир Бобан со натпис „Адио Миха – твои Роби и Звоне“.
На погребот присуствуваа и бројни јавни лица од италијанскиот живот, меѓу кои и актуелната премиерка Џорџа Мелони, популарниот пејач и италијанска музичка легенда, Џани Моранди, но и комплетните екипи на Сампдорија, Болоња и Лацио.

Со оглед дека Михајловиќ дел од кариерата мина и во дресот на Рома, на погребот присуствуваа и Франческо Тоти и Даниеле де Роси. Последен поздрав на Миха упатија и Анџело Перуци, Фабио Ливерани, Анџело ди Ливио, Стефано Фиоре, Лука Маркеџани, Винченцо Монтела, италијанскиот селектор Роберто Манчини.
Бројни италијански портали правеа стрим од целата церемонија, а пренос одеше и на РАИ Уно.
