Вести Култура

Делумно обновена спомен куќата на Личеноски отворена за јавноста

По 14 години откако беше прогласена за привремено заштитено добро по закон и 6 години откако го доби статусот културно наследство од особено значење, куќата на уметникот Лазар Личеноски сместена на кејот на Вардар со препознатливиот мозаик „Апотеоза на трудот“, сè уште не е комплетно обновена, но е отворена за јавноста. Настанот го организира Европската куќа по повод нејзиниот трети роденден. А, по тој повод во објектот е поставена изложба на дела од студентите на ФЛУ.

-Чувањето на културното наследство како што сите знаеме е многу, многу важно за идните генерации, порача Илона Казарјан, тим лидер на „Европската куќа“.

-Да ја подигнеме свеста за зачувување на нашата национална културна вредност, особено куќата на еминентниот Лазар Личеноски, вели професорката на Факултетот за ликовна уметност Славица Јанешлиева.

Делата на студентите распослани на приземјето и на катот се инспирирани од просторот, од личноста на Личеноски, но и има и такви кои ја коментираат недоволната грижа на надлежните за овој објект.

Крвавите солзи на репродукцијата од автопортретот на Лазар Личеноски, што го изработи студентот Дамјан Јанкоски, е само една од повеќето алузии во делата на оваа изложба, кои говорат за негрижата на надлежните за заштитата на спомен- куќата на Личеноски, еден од основоположниците на современата македонска ликовна сцена.

И ова дело со сркшени стакла од покуќнината има иста цел. Поради несредени имотно – правни работи со наследниците, објектот долго чекаше за обнова. Проектот  е изготвен 2016 година, а дури по четири години започнаа работите на терен. До сега е завршена фазата водовод и канализација.Во завршна фаза е електриката. Завршена е реставрацијата на збирката мозаици, а допрва ќе се реставрираат сликите, етнолошката и библиотечната збирка. Министерството за култура ги финансираше активностите, но не секогаш со доволно сретства. За спората обнова на објектот изостана коментар од директорката на Националната галерија под чија управа е куќата од 2015 година, зашто не се појави на настанот. Но, од Конзерваторскиот центар кажаа дека допрва ќе се работи на санирање на влагата.

Се изработува анекс на проектот , со претходно направени геотехнички истражувања за поставување дренажен систем околу објектот  заради појава  на влага од атмосферски/подземни води, како и санација на влезниот степенишен дел кој е деградиран, соопштија од конзерваторскиот центар.

Куќата  на Личеноски е изградена 1963 година, а отворањето за јавноста е исполнување на желбата на сопругата на уметникот, таа да биде музеј. Студентската изложба ќе биде отворена до крајот на месецот.

Сотир Трајков

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Даунинг Стрит 10: Партнерството го отсликува се подлабокото пријателство помеѓу двете земји

Дејан Дејан

Секое планирање во енергетиката мора да биде долгорочно, вели Божиновска

Дејан Дејан

Божиновска: Ќе се зголеми производството и ќе се намали цената

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе