Фактот што ниту една турска граѓанска организација оваа година не доби поддршка од буџетот во износ од 17 милиони денари, наменет за здруженија и фондации од страна на Министерството за односи меѓу заедниците, предизвика големо разочарување и оправдана загриженост кај турската заедница.
Од Партијата за движење на Турците потенцираат дека меѓу 36-те проекти кои добија финансиска поддршка нема ниту еден проект насочен кон турската заедница. Ова отвора сериозни прашања во однос на принципите на еднаква застапеност и рамноправен пристап до јавните средства. Имајќи го предвид мултиетничкиот и мултикултурниот карактер на државата, целосното изоставување на турската заедница е неприфатливо.
„Основната мисија на Министерството за односи меѓу заедниците е да ги унапредува дијалогот, соработката и меѓусебната доверба меѓу сите етнички заедници во државата. Сепак, практиките во последните години оставаат впечаток дека потребите и барањата на турската заедница не се третираат со потребното внимание. Ваквиот пристап го нарушува принципот на еднаквост и ја поткопува довербата во институциите“, велат од партијата.
„Очекуваме Министерството транспарентно да ја информира јавноста за критериумите и постапката според кои се извршени изборот и распределбата на средствата. Рамноправниот пристап до јавните ресурси за сите заедници претставува основен принцип на демократското владеење.
Истовремено, сметаме дека сите поединци и институции кои имаат одговорност да ги застапуваат интересите на турската заедница не смеат да останат неми пред ваквите случувања. Потребно е заедничко и одговорно дејствување во заштита на легитимните права и интереси на заедницата“, пишува во нивната реакција
Тие ги повикуваат Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Комисијата за спречување и заштита од дискриминација и Народниот правобранител и сите релевантни инситуции итно да ги преиспитаат одлуките и постапките на Министерството за односи меѓу заедниците и да утврдат дали при распределбата на средствата биле почитувани принципите на законитост, еднаквост и недискриминација.
