Вести Македонија Најважни

Сиљановска Давкова не сака да ја коментира квалификацијата „шпионска афера“

Шпионската афера во нејзиниот Кабинет, претседателката Гордана Сиљановска Давкова не сака да ја коментира и збунета е од Обвинителството за гонење на  организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК). Случајот со копирање на податоци од компјутерскиот систем бил откриен пред половина година и пријавен во средина на декември лани во МВР и во обвинителството, но сè уште е на ниво на предистрага за „постоење индиции за преземени недозволени активности од висок државен интерес“.

„Прво, квалификацијата шпионска афера и слично не сакам да ја коментирам. Второ, кога зборуваме за предистражна постапка, јас нема да ги заборавам зборовите на мојот професор Никола Матовски, професор по кривична постапка. Тој велеше дека во предистражна постапка малку се зборува, многу се работи, односно се собираат информации“, нагласи претседателката.

Без одговор на прашањата кои ги испрати Телма до нејзиниот кабинет, претседателката во изјава за МИА порачува дека не ги толкува постапките на другите органи, но, сепак, ја толкуваше работата на обвинителството.

„Јас почитувам поделба на власта, но не можам да не кажам дека малку сум збунета со одговорите на новинарските прашања или со објавите кои доаѓаат токму од Обвинителството за организиран криминал, во кои што се објаснува нивната комуникација со Министерството за внатрешни работи. Не, не бегам од изјави. Меѓутоа, мислам дека треба да се почитуваат одредбите од Законот за кривична постапка и во поглед на презумпцијата на невиност, но како што реков и во поглед на собирање податоци и евентуално отворање на кривична постапка“, заклучи претседателката.

Според сознанија на Телма, ИТ администраторот кој е осомничен дека копирал и изнесувал податоци од компјутерскиот систем во вилата Водно, по отворање на истрагата е отстранет од работното место до завршување на постапката.

Од обвинителството наведоа дека имале проблеми во предистрагата, бидејќи кабинетот на Сиљановска Давкова не им ги доставувал снимките од безбедносните камери, а потоа тие биле преземени од МВР. Оттаму тврдат и дека два месеца чекаат известување од МВР за екстрахираните податоци за истрагата за чувствителното прашање, но МВР тврди дека работи на вештачење и анализи.

Марија Митевска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Пожарот кај „Рампа“ ставен под контрола, еден пожарникар повреден во неговото гасење

Дејан Дејан

Венс: Британците ги разочара водството, на земјата и се потребни големи промени

Дејан Дејан

Мицкоски очекува да се покачат цените на горивата – дизелот да поскапе од 2 до 2,5 денари за литар, а бензините 1 денар

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе