Култура

Изложба со дела од професори и студенти во МКЦ

Во Младинскиот културен центар , вечерва  во 20 часот ќе биде отворена изложбата „ Професори и студенти“

Изложбата е на тема „Образовна екологија: помеѓу менторството, трансдисциплинарноста и современата уметност“.  На неа учествуваат факултети од областа на визуелните уметности и дизајнот, а студентите заедно со нивните ментори ќе ги изложат своите дела пред јавноста. Меѓу учесниците покрај Европскиот универзитет -Скопје, годинава се и професори и студенти од Интернационален балкански универзитет, Универзитет “Мајка Тереза” – Скопје, Американски универзитет на Европа – ФОН и Ликовна академија Универзитет “Гоце Делчев”- Штип.

Од Европскиот универзитет –Скопје на изложбата ќе бидат присутни проф. д-р. Гордана Вренцоска со студентите Исабелле Спасевска и Андреј Ристевски, проф. м-р. Александар Рашковиќ и студентката Марија Роглева, проф. д-р. Јана Манева-Чупоска и Благица Николова, доц. м-р. Марија Рашковиќ и Анастасија Ефтова, проф. м-р. Благојче Наумоски со студентите Матеја Јанковиќ и Ивана Славковска, како и проф. м-р. Страхил М. Петровски со Емилија Спасовска.

Според пропозициите, секој професор учествува со по едно дело, најмногу со двајца студенти.

  • Секоја епоха создава сопствен модел на уметник, а со тоа и сопствен модел на уметничко образование. Начинот на кој една култура ги образува своите млади автори секогаш претставува одраз на нејзините пошироки интелектуални, политички и технолошки состојби. Денес, во услови на радикално променета визуелна реалност, глобална комуникација и постојано поместување на дисциплинарните граници, прашањето за односот помеѓу професорот и студентот станува особено чувствително и суштинско. Токму затоа, поимот „образовна екологија“ во контекст на изложбата „Професори и студенти“ не се однесува само на институционалната структура на уметничкото образование, туку на еден многу покомплексен систем на односи, размена и взаемни влијанија. Како и секој екосистем, и образовниот простор функционира преку динамични релации помеѓу различни генерации, методологии, дисциплини, медиуми и искуства. Во него знаењето не се движи линеарно и еднонасочно, туку постојано циркулира, се преиспитува, се адаптира и се трансформира во согласност со новите културни и технолошки услови, вели д-р Ана Франговска, историчар на уметност и куратор на изложбата.

Организацијата и концепцијата на изложбата е на проф. м-р Страхил Петровски, визуелен и мултимедијален уметник, а дизајнот е на Петар Новковски.

Изложбата „Професори и студенти“ може да се разбере како мапирање на една сложена образовна екологија, во која различни генерации, медиуми и методологии истовремено коегзистираат, се судираат и се трансформираат. Таа отвора простор за размислување за тоа што денес значи да се учи уметност, но и што значи да се подучува во време кога знаењето повеќе не е централизирано, кога сликите циркулираат побрзо од кога било и кога современиот автор истовремено се движи низ физички, дигитални, теориски и социјални простори. Уметничкото образование никогаш не било само простор на техничко усовршување, туку средина во која се формирале нови начини на гледање, размислување и разбирање на светот. Најзначајните поместувања во историјата на уметноста често произлегувале токму од средини во кои педагошкиот процес не се темелел врз репродукција на постојните модели, туку врз поттикнување експеримент, истражување и интелектуална автономија. Во таа смисла, односот помеѓу професорот и студентот не треба да се разбира како едноставен пренос на знаење, туку како динамична структура во која истовремено се пренесуваат методологии, критички позиции, сомнежи и можности за трансформација, стои во каталогот за изложбата.
Младинскиот културен центар во Скопје, во соработка со Град Скопје, ја организира изложбата, а таа ќе биде отворена до први јуни.

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Над 50.000 книги уништени во поплавата во магацинот на “Антолог“

Sonja Petrusevska

Меѓународната организација на трудот отвори предмет за правата на вработените во институциите од културата во Македонија по упатена жалба од СКРМ

Tea Dimkovska

Денеска ќе биде погребан Владо Јаневски

Kristina Kuzmanovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе