Автобус кој сообраќал на релацијата Прилеп – Скопје попладнево се запалил кај наплатната рампа Отовица на автопатот Велес–Скопје. Според информациите од СВР Велес, сите патници навреме успеале да го напуштат возилото и нема повредени лица.
Инцидентот се случил кратко по поаѓањето на автобусот од автобуската станица во Велес.
Очевидци велат дека патниците веднаш излегле од автобусот, по што возилото за кратко време било зафатено од пламен.
На терен интервенирала Територијалната противпожарна единица Велес со едно возило и четворица пожарникари.
Од ТППЕ Велес информираат дека пожарот бил затекнат во развиена фаза, но благодарение на брзата реакција огнот бил ставен под контрола и целосно изгаснат околу 17:40 часот.
Полициски екипи вршат увид за утврдување на причините за пожарот.
