Девет пациенти имале непотребни операции или интервенции на срце. Од вкупно 13, кои беа дел од истрагата на странската комисија, само четири случаи имале оправданост за кардиолошка или кардиохируршка интервенција. Овие наоди, според министерот за здравство, се сериозни, но не треба да се користат за нарушување на угледот на целата лекарска професија.
„Во однос на овие случаи, цитирам, „дека одредени аспекти од третманот и водењето на пациентите биле под очекуваните професионални стандарди и можеби неповолно влијаело врз клиничкиот исход врз нив“.
„Во сите болници, и во приватните и во државните. Во сите три установи имаме пропусти. Еве пример ќе земам пациент кој што бил третиран со пејс мејкер на една институција, во 2024 во друга институција е направена коронарографија, во трета институција во 2024 опериран и во четврта институција коронарогрaфијa е направена на истиот пациент. Па така да, затоа ги спомнува сите институции се веќе предмет на анализа и за сите институции ќе биде извештајот доставен до надлежните“, изјави министерот за здравство, Азир Алиу.
Министерот не открива дали станува збор за лекарски пропусти или интервенции мотивирани од финансиска корист. Пациентите се живи и се на возраст од 45 до 78 години. Тие можат да го добијат извештајот, но документот нема јавно да се објави, бидејќи може да биде дел од идна судска постапка.
„Извештаите на интерната и странската комисија ќе бидат доставени до Влада, до Јавното обвинителство, до лекарската комора до ДСЗИ, ФЗО и ДКСК“, вели министерот за здравство.
Извештајот, сам по себе, не е доволен за кривична постапка, смета директорот на судска медицина кој е и координатор на интерната комисија.
„Вештачењето е неопходно во секоја постапка, доколку смета обвинителството дека треба. Ако обвинителството смета дека треба да поведе постапка, дава наредба за вештачење, се составува тим за вештачење и врз основа на извештаите, медицинската документација, што сè претставува материјален доказ, се изготвува вештачење. Документите коишто излегуваат од министерството за здравство или, пак, од Лекарска комора или од ДСЗИ коишто се еден вид стручен надзор, немаат тежина на вештачење. Тоа е само материјален доказ. Вештачењето понатаму му помага на обвинителството да го потврди обвинителниот акт и да почне судењето или пак да го отфрли. Обвинителството може да поведе постапка и без тоа“, рече Александар Станков од Судска медицина.
Конечниот потег е кај Обвинителството, дали ќе отвори истрага и дали ќе се утврдува евентуална кривична одговорност.
Скандалот со непотребни операции на срце од министерство за здравство се сели во обвинителството. Сите материјали во најскоро време ќе бидат испратени до обвинителите за да се утврдат мотивите за овој чин. Дали некој сакал за лична корист да извлече пари од пациентите и од државниот фонд.
Странската комисија беше формирана во февруари, а случаите ги анализираа кардиохирург од Италија, кардиоваскуларен хирург и интервентен кардиолог од Словенија. Во обид да спречи вакви случаи во иднина, министерството најавува формирање национален тим кој ќе ги разгледува сложените случаи, односно кога ќе биде потребна дополнителна проценка за оправданост на операции. Случајот за можни непотребни операции извршени заради профит прв го отвори кардиологот Сашко Кедев, по што во јавноста се отворија сериозни сомнежи за евентуални непотребни интервенции врз пациенти.
Симона Петровска
