За првпат се случува да излезете на пазар и да добиете 15 до 20 отсто помалку од тоа што го побарувате, е коментарот на Фатмир Битиќи, поранешен вицепремиер за економски прашања и актуелен пратеник на СДСМ, што го даде во вечерашното интервју во „Вин-Вин“ на ТВ Телма во врска со законот за задолжување кај меѓународни банки кој денеска пристигна во собранието.
„Тоа укажува дека нешто не е во ред кога има синдицирано финансирање или перспективата што тие ја гледаат за државата не е баш најсјајна. Второ, каматната стапка со која што се задолжуваме е приближна на каматната стапка која што ја земаме кај домашните банки. Просечна каматна стапка кај домашните банки, кај кои просечно се задолжуваме 900 милиони евра, е 5 посто, сега е 4,57 со овој кредит. И третиот, за мене фрапантен, момент е или незнаење или криење на реалноста е зошто задолжувањето доаѓа по скратена постапка во собранието. И најмалку што требале да ѝ кажат на министерката за финансии и на владата, по Деловник скратената постапка е за мали и несложени измени на закони. Ако 260 милиони евра задолжување, со 69 милиони евра камати, не е обемно за оваа влада, не знам што може да биде. Тие имаа можност да одат по итна постапка, тоа Деловникокт им го овозможува, но по итна постапка може да се донесе закон, само ако е неопходен заради спречување или отстранување на големи нарушувања во стопанството или во работењето на владата“, изјави Битиќи.
С.Д.
