Американскиот Сенат го потврди изборот на Кевин Ворш за нов претседател на Федералните резерви, кандидат предложен од претседателот Доналд Трамп, со што доаѓа до промена на раководството во најмоќната централна банка во светот во чувствителен период за американската и глобалната економија.
Ворш беше потврден со 54 гласа „за“ и 45 „против“, по гласање кое главно се одвиваше по партиска линија. Со тоа, 56-годишниот поранешен функционер на Федералните резерви официјално ќе ја преземе функцијата од Џером Пауел.
Неговата номинација со месеци беше неизвесна, откако републиканскиот сенатор Том Тилис најави дека ќе ја блокира постапката сè додека Министерството за правда не ја заврши истрагата против актуелниот претседател Џером Пауел. Откако истрагата беше отфрлена во април, се отвори патот за гласањето во Сенатот.
Ворш ја презема функцијата во период на зголемени економски предизвици. Инфлацијата во САД веќе пет години е над целта на Федералните резерви од два проценти, а растот на цените дополнително се засили поради поскапувањето на горивата.
Во меѓувреме, Комитетот на ФЕД задолжен за каматните стапки е сè поделeн околу идните економски политики, при што минатиот месец беа регистрирани најголеми несогласувања меѓу членовите во последните три децении.
Дополнителна неизвесност носи и најавата на Џером Пауел дека ќе остане член на Одборот на Федералните резерви и по истекот на неговиот мандат како претседател, што аналитичарите го оценуваат како можен извор на паралелно влијание во институцијата.
T.Д.
