Проблемот со бездомните кучиња во Тетово како да е нерешлив. И понатаму можат да се забележат големи глутници и покрај постојаното третирање од соодветна служба. За некои тие се опасност, за други се жртви на општеството, но сите се согласуваат во едно: системот мора да понуди долгорочен одговор.
И во оваа 2026 година, тетовските улици изгледаат како „држава“ на бездомните кучиња. Граѓаните често пати снимаат вакви глутници, па стравуваат од напади. Од друга страна, активистите повикуваат на емпатија, а надлежните велат дека се обидуваат да ги менаџираат состојбите.
Општина Тетово на 5 ноември во 2025 година има склучено договор со Друштвото за грижа на бездомни кучиња за заловување и третирање. Тие имаат на располагање над 2,5 милиони денари или средства за околу 175 кучиња, бидејќи цена за третман на едно куче изнесува до 14.499 денари. Досега се заловени 70 од кои само 13 се вдомени, а другите по третман се вратени од каде што се земени.
„Кучињата што се заловуваат подлежат на сеопфатен третман, кој опфаќа кастрација/стерилизација, вакцинација, ветеринарна обработка и на тест за социјализација. Според проценките, повторната појава на глутници најчесто е резултат на неодговорно сопствеништво, напуштање на домашни миленици, неконтролирано размножување, како и постојано движење на кучиња од други населени места. Општина Тетово останува посветена на системско и хумано решавање на проблемот со бездомните кучиња преку континуирани активности и соработка со сите релевантни чинители“, велат од Друштвото АНА АГРО.
Додека дел од граѓаните решението го гледаат само во отстранување на кучињата од улиците поради страв за сопствената безбедност, активистите за заштита на животните сметаат дека агресијата кај кучињата често е само одбранбен механизам.
„Често имаме случаи кога граѓани, деца, мислам и возрасни на различна возраст ги напаѓаат кучињата со стапови и со камења, итн., без никаква потреба е потоа тие имаат нагон на одбрана, се разбира како и ние луѓето така и тие. Мислам дека треба да се има поголема емпатија“, вели Анета Филиповска.
„Не се должни, не се криви што се на улица, нели. Повеќе покажува какво општество сме ние. Само што ќе ги видиме колку се прљави кучињава, тоа покажува какви сме ние. Нормално дека општината треба да реагира и морално е“, смета Елена Илиевска.
Од друга страна, Агенцијата за храна и ветеринарство оценила дека е време за нова национална стратегија, но, сепак, земајќи ги предвид локалните предизици кога станува збор за справувањето со огромниот број на кучиња скитници.
„Поради тоа што се работи за различни специфики, односно се работи за различни населени места, рурални и градски средини, ќе мора во секој регион да се направи посебна стратегија којашто подоцна ќе се инкорпорира во една национална стратегија. Знам дека проблемот со бездомните кучиња е голем и постојано се зголемува, но тој проблем не е нерешлив. Како што го решиле во другите европски држави и ние ќе одиме по тие принципи на решавање за проблемот да се реши на цивилизиран начин“, потенцира Тања Ристевска Ололовска.
Согласно податоците од Информативниот систем на Агенција досега се регистрирани вкупно 156.555 домашни миленици на цела територија на Македонија од кои 144.693 кучиња, 11 856 мачки и шест ласици.
Александар Самарџиев
