Полицајци во цивил за време на наставата да го обезбедуваат ОУ „Стив Наумов“ во Битола, откако седмоодделенец преку социјалните мрежи упати закани по живот до свои соученици и нивните родители. Ова е еден од заклучоците на вонредната седница што синоќа ја одржа Училишниот одбор на училиштето.
„Училиштето веќе ги презеде сите потребни чекори и навремено ги извести сите надлежни органи кои понатаму треба да го следат и решаваат случајот. Од страна на училиштето, до СВР Битола е побаран мониторинг и заштита, а одобрена е поддршка од полиција со постојан мониторинг од страна на цивилни полициски службеници додека трае наставниот процес“, соопшти Училишниот одбор на ОУ „Стив Наумов“ – Битола.
Случајот е пријавен и во Основното јавно обвинителство, од каде информираат дека се вршат проверки во координација со Центарот за социјални работи во Битола, бидејќи станува збор за дете кое е под возраста за кривична одговорност. Директорот на училиштето, Никола Пискачев, изјави дека институциите постапуваат согласно своите надлежности за непречено одвивање на воспитно-образовниот процес.
„Најпрво беше извршен разговор со родителите на учениците во одделението и со таткото на ученикот. Ученикот веќе ја променил средината, бидејќи состојбата овде беше тензична. Во однос на сите пријави што ги добивме од родителите за закани на ТикТок и други социјални мрежи, сите се доставени до МВР и Центарот за социјални работи и случајот понатаму се следи“, рече Пискачев.
