Македонскиот павилјон во Венеција со проектот „Пиета во прекривките на ургентноста“ на мултимедијалниот уметник Велимир Жерновски, привлекува големо внимание кај посетителите на Биеналето. Сместен во Спацио Кастело 77, на влезот во престижното Арсенале, публиката љубопитно влегува во просторот каде е изложена монументалната претстава на „Пиета“ од Микеланџело Буенароти, која во интерпретацијата на Женровски е прекриена со златни фолии. Македонскиот национален павилјон на 61. Биенале за уметност ќе биде отворен денеска во 18:30 часот, а пред присутните ќе се обрати Марија Станчевска-Ѓоргова, државен секретар во Министерството за култура и туризам.
Организатор на нашето претставување е Музејот на современата уметност – Скопје (МСУ-Скопје). Куратори се Тихомир Топузовски и Аманда Буткез од Канада, а комесар е Авни Ќаили.
Тема на годинашната голема изложба е „Во молски тоналитети“ („In Minor Keys“), чиј куратор е Којо Куох, (Koyo Kouoh) која почина пред една година. Изложбата ќе ја реализира тимот која таа сама го избрала. Деновиве Биеналето е отворено за специјална публика – уметници, куратори, галеристи, претставници на институции. На главната изложба претставени се дела од 110 уметници од целиот свет. Дополнително, на локациите Арсенале и Џардини вклучени се 100 национални претставувања и 31 дополнителен настан. Биеналето ќе биде отворено за пошироката јавност од утре до 22 ноември, кога на свечена церемонија ќе бидат доделени наградите „Златен лав“.
„Пиета во прекривките на ургентноста“ ги преиспитува границите на човечкото, размислувајќи надвор од нив, создавајќи нови етички сензибилитети.
- Авторот во своето монументално дело ја обвиткува препознатливата Пиета со златни ургентни прекривки, изработени од метализиран пластичен филм, материјал првенствено произведен за вселенски мисии. Тие се водоотпорни, рефлективни и ја задржуваат телесната топлина. Жерновски со овој материјал повторно ја облекува Пиетата за да создаде нови значења, објаснуваат кураторите.
На 61.Венециско уметничко биенале, по трет пат самостојно се претставува и нашата истакната сликарка со интернационална кариера, Марија Павловска. Нејзиното претставување во Венеција е со поддршка на Европскиот културен центар. Таа го изложува делото „ Зграда XL“, со кое лани во октомври учествуваше на Биеналето во Фиренца и ја освои Специјалната награда од Светската асоцијација за визуелни уметности (WAVA),. Се работи за единствената награда што се доделува за сите категории на Биеналето во Фиренца. Делото „ Зграда XL“ е диптих, работено е во техниката акрил на платно , со димензии 4 x 3метри. Изложено е во Палацо Мора, а веќе имаа можност да го видат медиумите и ВИП гостите на Венециското биенале. За публиката на Биеналето, делото на Павловска ќе биде достапно од утре (09.мај 2026 година) кога официјално се отвора Венециското уметничко биенале.
