САД со непрецизни одговори, а Иран тврди дека „сè уште не е донесен заклучок“ за мировниот предлог од 14 точки. Со намера да се мотивира Иран повторно да го отвори стратешкиот Ормутски теснец, каде се заглавени стотици бродови, САД поднесе резолуција пред Советот за безбедност на ОН за почитување на меѓународното право.
„Штом ќе биде финализиран нашиот одговор, тој ќе биде споделен со пакистанскиот медијатор“. Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи изјави дека Исламската Република ги разгледува пораките од Пакистан, кој посредува во мировните преговори меѓу американските и иранските претставници, но „сè уште не е донесен заклучок“. Багеаи за иранската новинска агенција ИРНА рече дека дека не е предаден никаков одговор до американската страна.
- „Последните разговори што ги имавме со нашиот пакистански колега се фокусираа на нашиот предлог, предлогот од 14 точки што им беше пренесен на Американците преку Пакистан. Нивните ставови беа презентирани и го разгледуваме нивниот предлог. Штом ќе финализираме, нашиот одговор, тој ќе биде споделен со пакистанскиот медијатор и врз основа на резултатот од овие размени на пораки, ќе се одлучат следните чекори“ – Есмаил Багаеи, портпарол на Министерство за надворешни работи на Иран.
За разлика од Багаеи, високиот ирански претставник Мохсен Резаи со остар тон вели дека Техеран нема да им дозволи на САД да го отворат Ормускиот Теснец со „нереален план“, а потоа да излезат од војната без да платат отштета „за сета нанесена штета“.
„Ги трпевме 47 години и ќе продолжиме преку отпор“, рече тој.
Администрацијата на америкснскиот претседател Доналд Трамп испрати пак различни пораки за својата стратегија за завршување на војната со Иран. Нестабилниот прекин на огнот и претходните изјави дека воените операции се завршени, отстапија место на нови закани за бомбардирање доколку Техеран не прифати догово.
Соединетите Американски Држави и Кралството Бахреин, со поддршка на другите сојузници од Заливот, денеска предложија резолуција на Советот за безбедност на ОН со цел да се мотивира Иран повторно да го отвори стратешкиот Ормутски теснец.
- „Знам каква одлука донесуваат Соединетите Американски Држави и ние избираме да се држиме до слободата на навигација. Ние избираме да се држиме до меѓународното право. Ние избираме да се држиме до нашите партнери додека одиме напред“ – Мајк Валц, амбасадор на САД во Обединетите нации.
Во меѓувреме стотици бродови и илјадници морнари сè уште се заглавени во Ормутскиот теснец, бидејќи Иран ја контролира рутата, предизвикувајќи нарушувања во глобалната економија. Иран ефикасно ја презеде контролата врз критичниот воден пат за глобалната енергија откако САД и Израел го нападнаа на 28 февруари.
Билјана Ставрова
