И деца кои вршеле насилство врз соученичка во паркот во Ѓорче Петров, но и нивни родители и старатели, се повикани на разговор во полиција за грозоморниот инцидент за брутално насилство и изживување од група ученици врз едно девојче. Министерот за внатрешни работи вели дека е потребен заеднички пристап и булингот го нарече вид на криминалитет.
„Се води истрага. Четиринаесет лица се повикани на разговор и за дел од нив ќе следат процесни дејствија. Во рамки на овој предмет е вклучено и ЈО, по насока на јавен обвинител. И тоа како мораме сериозно и континуирано да бидеме фокусирани на овој тип криминалитет. Не само од аспект на Министерството за внатрешни работи, кое делува и превентивно и репресивно, туку преку вклучување на сите надлежни институции. Потребен е мултиинституционален и системски пристап“, рече министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Видеата и фотографии од насилствата биле објавени на социјални мрежи по што за случајот дознал таткото на малтретираното девојче и пријавил на полиција.
Насилството се случило на 27 март, МВР го нотира во билтенот по пријавата на таткото на 7 април без многу детали, а до денеска, три недели по пријавата, сè уште не е завршена истрагата за грозоморното насилство преживеано во парк од девојче кое оди во основно училиште.
Од образовниот систем велат дека се преземени сите мерки од училиштето во Ѓорче Петров и од стручните служби во Министерството за образование. Од друга страна, Тошковски вели дека булингот мора да стане поголем приоритет, не само за полицијата, туку за целото општество, како што стана семејното насилство по голема трагедија со жртвување на мајка и петгодишна ќерка.
Тошковски дури предложи и полициско навлегување во телефони на жртви на насилство за директно снимање на насилство.
„Еден интелигентен систем на констатирање на докази врз основа на сите мобилни уреди кои ги поседуваат македонските граѓани. Односно, кога било која жртва ќе се јави во рамки на еден, така да кажам, паметен систем за старт, со нејзино одобрување, МВР да може да го користи во истиот момент, да ја користи камерата на уредот и да го регистрира и она што физички се случува и аудио записот“, изјави Тошковски.
За спречување на семејното насилство, предложени се законски измени со кои насилникот со одлука на полицаец ќе треба да го напушти домот во кој ќе останат жртвите за да се избегне повторна виктимизација на тие на кои им треба помош, а не осуда од околината.
Миомир Серафиновиќ
