Наместо вториот пензиски столб да го подобри целиот пензиски систем, сега се најде во политичките препирки меѓу власта и опозицијата.
Премиерот Христијан Мицкоски на поткастот „Каде се парите“ рече дека корисниците на вториот пензиски столб би можеле да бидат разочарани, а лидерот на опозицијата Венко Филипче оцени дека и изјавите и политиките на актуелната влада нанесуваат штета на стотици илјади пензионери, а дополнително ја зголемуваат дупката во Пензискиот Фонд.
Филипче тврди дека пред промената на власта преклани, дупката била 30% од потребите на Фондот за исплата на пензии, а сега дефицитот повторно се зголемил на 40 проценти.
- Мицкоски во 2024 година рече дека пензискиот систем е стабилен и дека дупката во фондот за пензиско осигурување ќе постои се додека вториот столб не почне посилно да исплаќа пензии, а сега кажува дека не знае што ќе донесат резултатите од уплатите во вториот пензиски столб. Граѓаните што ги уплаќаат парите таму се во голема неизвесност и се поставува прашањето Дали премиерот има намера преку државните механизми да интервенира во тој буџет во кој што луѓето си уплаќаат за да имаат доволно пари за деновите, годините во пензија и на тој начин да го оштети – Венко Филипче претседател на СДСМ.
Од Пензискиот фонд велат дека поради историски најголемото зголемување на пензиите, се зголемиле обврските и кон здравствениот фонд и кон вториот пензиски столб. ПИОМ реагира по објавениот ревизорски извештај за утврдени неправилности и пропусти.
Директорот Никола Мемов во реaкцијата тврди дека неправилностите се однесуваат на периодот во 2024-та година кога на чело на Фондот бил друг менаџмент поставен од сегашната опозиција, но во последните две години- според Мемов веќе се отстранети слабости во системот за јавни набавки и се преземаат активности за подобрување на состојбата на Фондот кој тежи стотици милиони евра.
Симона Петровска
Б.С.
