Вести Свет

Една шестина од населението во ЕУ се самци – извештај на Евростат

Една шестина од населението во Европската Унија (ЕУ) во минатата година (16,5 проценти) живеело во едночлени домаќинства, а најголем удел на лицата кои живеат сами е регистриран во скандинавските и во балтичките земји, покажуваат податоците на европската статистичка агенција Евростат.

И Германија е над европскиот просек, каде што секој петти жител, односно 20,9 проценти од вкупно околу 84 милиони жители, живеел сам, соопшти германскиот Сојузен завод за статистика „Дестатис“.

Тоа значи дека околу 17,3 милиони лица во Германија живееле во едночлени домаќинства. Во споредба со 2005 година, кога такви биле 14,2 милиони луѓе, овој број значително се зголемил.

Најголем дел од лицата кои живеат сами се постари граѓани. Кај лицата над 65 години, повеќе од една третина, односно 34,4 проценти, живеат сами, додека кај оние постари од 85 години таков е секој втор жител или 55,8 проценти.

Бројот на лицата кои живеат сами во Германија расте пропорционално со големината на населеното место. Во градовите со повеќе од 100.000 жители, нивниот удел изнесува 25,9 проценти, додека во општините со помалку од 20.000 жители е 17,2 проценти.

Просекот на лицата што живеат сами во ЕУ е 16,5 проценти, но разликите меѓу земјите се значителни.

Поголем удел отколку во Германија има во Литванија со 31,4 проценти, Финска со 25,8 проценти, Данска со 24,3 проценти, како и во Естонија и во Шведска, каде што уделот изнесува по 22 проценти.

На спротивниот крај на листата се Словачка со три проценти, Ирска со 8,1 процент и Полска со 9,2 проценти.

Иако лицата што живеат сами сочинуваат околу една петтина од германското население, нивниот удел во вкупниот број домаќинства е значително поголем. Од вкупно 41,1 милион домаќинства во Германија, дури 42,1 процент минатата година биле едночлени.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Домаќинства без струја, затворени училишта, смртни случаи – Европа под топлотна купола, нов температурен бран во најава

Sasko Dimovski

Доверба му изгласаа 58 пратеници, за смена се изјаснија 19 – Тошковски ја „преживеа“ и третата интерпелација во собранието

Sasko Dimovski

Дали Јанушев крие фирма во Бугарија – СДСМ бара истрага од Антикорупциска, од Владата велат се работи за инсинуации

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе