Вести Свет

Европските млади се сè попрагматични и покритични кон демократијата – годишна студија „Млада Европа“ на фондацијата „ТУИ“

Кај младите во Европа расте сомнежот дека демократијата е најдобар облик на владеење, главно поради незадоволството од начинот на кој таа функционира во нивните земји, но мнозинството и натаму има позитивен став кон членството во Европската Унија, покажува годишната студија „Млада Европа“ на Фондацијата „ТУИ“.

Според истражувањето објавено денеска, половина од младите во шест земји на ЕУ и во Велика Британија целосно се согласуваат дека демократијата е најдобриот систем на владеење, но само 26 проценти се задоволни од начинот на кој таа функционира во нивната држава.

Анкетата покажува и дека опаѓа уверувањето дека демократијата е супериорен систем во споредба со другите модели на уредување. Дури девет проценти од испитаниците изјавија дека претпочитаат некој друг облик на општествено уредување.

Истражувањето беше спроведено онлајн во април и во мај годинава од агенцијата „Југав“ во Германија, Франција, Шпанија, Полска, Италија, Грција и во Велика Британија, врз примерок од 8.024 млади на возраст од 16 до 26 години.

Најголемо задоволство од функционирањето на демократијата во својата земја покажаа младите Германци – 53 проценти. Сепак, долгорочниот тренд од 2018 година е во опаѓање во Германија, Франција, Италија и во Грција, додека младите во Полска и во Велика Британија денес се позадоволни отколку пред неколку години.

Авторите на студијата оценуваат дека младите не се скептични кон демократијата од принципиелни причини, туку затоа што станаа попребирливи и ја оценуваат според нејзините резултати во секојдневниот живот и способноста да решава проблеми и да ја обликува иднината.

Ставот кон Европската Унија, исто така, е изразено прагматичен. За 62 проценти од младите ЕУ пред сè значи отворени граници, а за 57 проценти економска соработка, иако ваквото гледиште постепено губи значење од 2017 година наваму.

Младите сè уште ја поврзуваат Унијата со вредности како човековите права (37 проценти), мирот (36 проценти), солидарноста (31 процент), демократијата (30 проценти) и безбедноста (27 проценти).

Една третина од испитаниците посакуваат потесна интеграција во рамките на ЕУ, додека исто толкав дел сметаат дека сегашното ниво на поврзаност е соодветно.

Студијата покажува и дека сè повеќе млади немаат јасна претстава за улогата и за задачите на Европската Унија.

Во исто време, институциите во кои младите Европејци имаат најголема доверба се науката, полицијата, Обединетите нации и НАТО. Европската комисија и Европскиот парламент се наоѓаат дури на петтото место, додека довербата во политичките партии е релативно ниска.

На прашањето што за нив претставува слободата, младите покажаа изразен прагматизам.

За 41 процент слободата значи еднакви можности за сите, без оглед на полот, сексуалната ориентација, општественото или етничкото потекло. За 36 проценти слободата е поврзана со физичкото и со менталното здравје, а за 29 проценти со живот без сиромаштија.

Исто така, 29 проценти ја поврзуваат слободата со можноста да патуваат и да живеат каде што сакаат.

Според истражувачите, овие резултати не значат намален интерес за демократијата, туку промена на приоритетите, бидејќи во време на растечка несигурност материјалните, здравствените и социјалните фактори стануваат сè поважен дел од поимот слобода.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Меѓуетничките односи се сериозно нарушени, допрва ќе стигне фактурата – оцена на Селими за две години од промената на власта

Sasko Dimovski

Шефот на нуклеарната агенција на ОН вели дека инспекторите ќе ги посетат иранските нуклеарни локации како дел од договорот за завршување на војната.

Igor Trajkov

Арсовски: Македонија е во релативно статична ситуција по две години од промена на власта, премиерот и владата го игнорираат Преспанскиот договор како што и рекоа

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе