Препораките на ОБСЕ/ОДИХР ќе претставуваат клучен темел за идните измени на Изборниот законик. Тие се содржани и во Нацрт-верзијата на министерството за правда која денеска ја добија членовите на работната група. Од нив се очекува во наредните две недели детално да ги анализираат во политичките партии и да подготват свои предлози и сугестии, по што повторно ќе се сретнат и ќе пробаат да ги усогласат ставовите.
„Реформите во изборното законодавство бараат политички дијалог и широк консензус. Само преку заеднички пристап можеме да изградиме стабилен, кредибилен и фер изборен систем. Нашата цел е современо законодавство, усогласено со меѓународните стандарди, и поголема доверба на граѓаните во изборниот процес“, соопштија од министерството за правда.
Во министерството очекуваат предлози и од Државната изборна комисија, со кои се сретнале деновиве. Ќе следуваат состаноци и со Државната комисија за спречување на корупцијата, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Државниот завод за ревизија, како и со претставници на граѓанскиот сектор.
Дали ќе се донесе нов или ќе биде изменет сегашниот Изборен законик, зависи од тоа дали на состаноците на работната група ќе се промени повеќе или помалку од една третина. Ако е помалку, тогаш ќе се оди само со измени и дополнувања.
Меѓу барањата на партиите се промена на бројот на изборните единици, намалување на бројот на пратеници, отворени листи и регулирање на финансирањето на платеното политичко рекламирање.
Далиборка Демјанска Цветановска
