Одделот за имунологија на детската клиника во Скопје привремено престанува да функционира како посебна целина и се спојува со Одделот за пулмологија.
Пациентите ќе бидат згрижувани на заедничкиот оддел, додека од Клиниката велат дека мерката е привремена и е донесена поради недостиг на кадар и да се овозможи непречено продолжување на здравствената заштита на децата.
- Од петокот минатата недела бидејќи не можевме со главната сестра никако да организираме сменска работа, односно организација на распоред за дежурства бевме приморани привремено да направиме фузија на два оддела за да можеме да имаме на располагање сестри кои ќе покриваат дежурства – Реџеп Мемеди директор на Детска клиника Скопје.
Од вкупно 144 медицински сестри ангажирани на Клиниката, 25 се пред пензија, 15 поради возраст се ослободени од дежурства, 11 работат со скратено работно време, а 16 се на породилно отсуство. Тоа значи дека значителен дел од сестринскиот кадар не може да биде вклучен во ноќни смени и дежурства, додава директорот Мемеди.
Во меѓувреме, Клиниката остана и без дел од персоналот ангажиран со договор на дело. Околу 50 работници не добија продолжување на договорите, откако Министерството за финансии не даде согласност за нивен нов ангажман.
- Недостатокот на овие работници сериозно ги доведува во прашање нормалниот тек и организацијата на работата на оваа клиника иквалитетот на услугите на детска Клиника. Од овие 50 ангажирани со договор на дело скоро половина, односно 23 се лица медицински персонал, а тоа се 18 медицински сестри кои денеска не доаѓаат на работа, 4 лабораторски техничари и еден биолог, а останатите се администратори и технички персонал. Сите неопходни за нормално функционирање на работата. Денеска кога тие работници веќе не се на клиника, се соочуваме со сериозни проблеми во организацијата и обезбедувањето на навремена услуга и квалитет за децата – Реџеп Мемеди директор на Детска клиника.
Додека во земјава се раѓаат се помалку деца, Детската клиника бележи подобри резултати во лекувањето на најмладите пациенти и намалена смртност. Според Државниот завод за статистика, во 2025 година се родени 15.850 деца, што е намалување во споредба со претходната година.
Во исто време, податоците на Клиниката покажуваат дека бројот на смртни случаи кај хоспитализираните деца се намалува. Додека во 2015 година биле регистрирани 108 смртни случаи, во 2025 година тој број е 39.
Трендот на намалување продолжува и годинава. Во првите три месеци од 2026 година е евидентиран најнизок број смртни случаи во последните 17 години, велат од Клиниката.
Симона Петровска
