Градот побара измени на возниот ред. За опозиција е нелогично тој да се менува, а автобуси уште да нема. Укинати линии, возила што ги има на саат време и петиција од граѓани за автобуси кои не стигнуваат до крајната дестинација. Советниците со реакции за состојбата со јавниот превоз во главниот град.
„Забележав дека 35-ка е укината како линија во возниот ред, иако тоа е единствената линија која го поврзува Чаир со Аеродром и каде што многу граѓани и жители на Општина Чаир патуваат до Аеродром. Работат таму, има средни училишта на територијата на Општина Аеродром, каде што учениците патуваат и всушност оваа линија сега целосно се укинува. Четворка во понаселениот дел на Хром од понеделник до петок поаѓа на 40 минути, односно тоа значи дека сега со оваа промена ќе биде на 45 минути додека, пак, седмица во Горно Лисиче има интервал од 25 минути“, вели Милица Давчева од Левица.
„Имам една петиција од селото Ворце. Бројот 11, кој оди во селото Радуша и таму застанува, над Радуша има уште едно село Ворца, има многу вработени и тоа е село кое што припаѓа на градот Скопје. И тие плаќаат данок. Така што автобусот оди до Радуша и не завршува до селото Ворце. Имам петиција од жителите, автобусот барем најмалку два до три пати дневно да стигне до тоа село“, вели Незране Рустеми од Национална алијанса за интеграција (НАИ).
„Денеска вие ќе донесете одлука со која само формално ќе го намалите бројот на поаѓања на автобуси. Ќе го намалите возниот ред и ќе го прилагодите на неговата нефункционалност. Ако продолжиме со ваквата оптимизација, јас се плашам дека јавен превоз ќе имаме на хартија, а граѓаните ќе го одбегнуваат“, вели Горан Симоноски од СДСМ.
Долговите се исплаќаат, тендерот за набавка на нови автобуси е распишан, вели првиот човек на градот. Ѓорѓиевски уверува дека со пристигнување на првата флота на автобуси, ќе има нови измени во возниот ред, а со тоа и почести пристигнувања на постојките. Обвини дека кадар од Левица е причина за колапсот во Јавното сообраќајно претпријатие.
„Подобрена е состојбата во ЈСП, мора да го признаеме тоа. Четириесет автобуси. Тука е присутен директорот, да ти честитам Саше јавно, 40 автобуси дополнително се поправени во ЈСП, што некој од непознати причини за мене ги растурал во изминатиов период, тоа е Стојче ваш. Така да се подобруваат состојбите, но дали е нивото задоволително и потребно да ги опслужи граѓаните онака како што заслужуваат, не е. И тоа го признавам. Но, дали јас сум овде три години? – Не. Јас сум нешто повеќе од три месеци. Така што во ЈСП допрва ќе се поправаат состојбите и секогаш ќе излегуваме во пресрет на граѓаните за нивните барања и потреби“, вели Орце Ѓорѓиевски, градоначалник на Скопје.
Но, и по негодувањата на опозицијата, сепак, оваа точка беше изгласана во советот на Град Скопје.
Во меѓувреме, граѓаните се жалат дека автобусите се нередовни и дека со саати чекаат на автобуските постојки. Оваа состојба е присутна веќе подолго време. Се случува и автобусите да стојат и по булеварите поради дефект, но да прочитаме и дека некој се запалил. Планот на градот е да се набават нови 150 еко-автобуси, а дел од нив да пристигнат до крајот на годинава.
Инаку и претходно, министерството за транспорт и врски објави тендер за набавка на 120 автобуси, но беше неуспешен со образложение дека на повикот се јавила само една компанија која не ги исполнувала условите.
Симона Петровска
