Првпат откако е во функција системот „Безбеден град“, во текот вчерашниот ден не е регистриран ниту еден прекршок за минување на затворен семафор – црвено светло.
Според податоците од системот, на подрачјата на градовите и долж коридорите каде што се поставени камерите, евидентирани се вкупно 526 сообраќајни прекршоци. Од нив, 84 прекршоци се сторени од возачи кои управувале возила со странски регистарски таблички.
Најголемиот дел од прекршоците се однесуваат на пречекорување на дозволената брзина – регистрирани се 504 случаи на управување со возило со брзина поголема од дозволената. Дополнително, 22 прекршоци се однесуваат на управување со возило со измината важност на сообраќајната дозвола.
Поради сериозноста на прекршоците, изречени се и 17 мерки „забрана за управување со возило“, сите за пречекорување на брзината. Од нив, 13 мерки се однесуваат на возачи кои се движеле со брзина поголема од 80 километри на час во населено место, додека четири мерки се изречени за надминување на максимално дозволената брзина за повеќе од 10 километри на час над пропишаното ограничување за конкретното возило.
Во рамки на предвиденото дозволено отстапување во брзината на движење, системот толерирал 3.336 возачи. Податоците укажуваат на значително почитување на светлосната сигнализација, но и натаму високо ниво на прекршоци поврзани со брзината, што останува главен предизвик за безбедноста во сообраќајот.
