Човечкиот фактор е најверојатно причинител за загадувањето на изворот Шум, поради што Струга остана 12 дена без чиста вода за пиење, соопшти струшкиот градоначалник Менди Ќура. Состојбата е катастрофална, констатираа експерти од приватна компанија и од Градежниот факултет кои деновиве беа ангажирани од Општината. Тие утврдиле дека ископувањата извршени од две компании низ годините најверојатно се главната причина за настанатата штета, но ќе се проверува и дали загадувањето можеби е предизвикано од земјотреси.
„Штетата е направена, за жал, и тоа со години наназад. Бев на лице место и визуелно може да се забележи дека е можно загадувањето на водата да е од ископите. Но, сè уште не е официјално потврдено и верувам дека ќе биде потврдено од надлежните институции“, изјави Менди Ќура, градоначалник на Општина Струга.
Во извештајот се наведува дека поранешни општински органи, градоначалници и надлежни институции, со своите постапки или непостапување, го оштетиле екосистемот и водата. Ископувањата траеле повеќе од 10 години без критериуми, исклучиво за материјална корист, а не била утврдена ниту заштитна зона околу изворот, која требало да биде оградена и физички заштитена.
„Дадовме налог да се прекине со ископување и нема да дозволиме тоа да продолжи. Барам од институциите да го спречат. Сега ќе гледаме како да се санира состојбата, иако тоа е тешко. Ќе бараме помош и од други институции, можеби и од Владата“, вели Ќура.
Хаваријата на водоводниот систем во Струга се случи пред 12 дена, кога од чешмите на стружани наместо вода, течеше кал. Центарот за јавно здравје утврди дека заматеноста е неколкукратно поголема од дозволеното. По реакциите, струшкото Обвинителство оформи предмет и истражува дали загадувањето на водата од изворите кај Шум е предизвикано од кривични дела против животната средина.
Водата сè уште е забранета за употреба, а од Центарот за јавно здравје најавуваат нови анализи за утре.
Емилија Мисирлиевски
