Вести Економија Македонија

Миноски: Продуктивноста зависи од технологијата, менаџментот и социјалниот дијалог

Продуктивноста на трудот е резултат на повеќе меѓусебно поврзани фактори, а еден од клучните во современи услови е научно-технолошкиот прогрес и технологијата што ја користат компаниите, вели поранешниот министер за финансии Кирил Миноски.

„Доколку во една компанија се користи несоодветна технологија, не може да се очекува повисока продуктивност на трудот. Технологијата и начинот на организација на работата имаат директно влијание врз економските резултати“, истакна Миноски.

Тој нагласи дека договарањето на платите мора да се одвива преку социјален дијалог, согласно принципите на Меѓународната организација на трудот, во кој учествуваат Владата, работодавачите и синдикатите, а решенијата се носат со консензус.

„Кога зборуваме за продуктивност, не треба да ја гледаме само онаа во приватниот сектор кој ја создава додадената вредност, туку и продуктивноста на вработените во институциите, која исто така е исклучително важна“, рече Миноски.

Според него, на ниво на компанија, продуктивноста е тесно поврзана со создавањето поволна деловна клима, имплементацијата на современи менаџерски практики и унапредувањето на бизнис-процесите.

„Кај нас е очигледен недостигот од знаење во следењето на технолошките трендови, а најголем дел од компаниите се микро и мали, кои немаат доволно финансиска моќ самостојно да настапуваат на меѓународните пазари“, изјави Миноски.

Тој потсети дека еден од основните критериуми за членство во Европската Унија е способноста на домашните компании да го издржат притисокот на заедничкиот пазар.

„Во овој сегмент мора да се направи исчекор – преку соработка меѓу компаниите и заеднички настап – за да се фати чекор со технологијата која се менува со драматична брзина“, посочи поранешниот министер за финансии Кирил Миноски.

Т.Д.

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

(ВИДЕО) Владеачкото мнозинство ги одбива амандманите за Закон за судска служба

Дејан Дејан

Земјоделците да се внимателни кога наводнуваат и користат механизација во близина на далекуводи – последиците можат да се сериозни предупредија од АД Мепсо

Дејан Дејан

Само суд ослободен од надворешни влијанија може да обезбеди правична примена на правото – конференција на Врховни судии од Европа

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе