Бизнис објектив Вести Економија

Европа и Индија „имаат потреба една од друга како никогаш досега“

Европа и Индија „имаат потреба една од друга како никогаш досега“, велат аналитичарите откако беше потпишан договор за слободна трговија што опфаќа две милијарди луѓе.

-Ова движење кон диверзификација, барање нови партнери, како и градење самодоверба, беше предизвикано од тензиите со Кина и навистина беше јасно изразено од фрактурата на трансатлантското партнерство, вели Гарима Мохан, виш соработник за Индија во Германскиот Маршалов фонд.

Договорот меѓу двата од најголемите светски пазари доаѓа во време кога Вашингтон ја таргетира ЕУ со високи увозни тарифи, нарушувајќи ги воспоставените трговски текови и туркајќи ги големите економии да бараат алтернативни партнерства.

Договорот ќе овозможи слободна трговија за речиси сите стоки меѓу 27-те членки на ЕУ и Индија, опфаќајќи сè, од текстил до лекови, и намалувајќи ги високите увозни даноци за европско вино и автомобили.

-Долго време, политиката кон Азија во Европа само го следеше примерот на Соединетите Американски Држави. Без разлика дали стануваше збор за насочувањето на претседателот Обама кон Азија, стратегијата на претседателот Бајден за градење мрежа на сојузници и партнери, видовме дека Европа речиси го следи примерот и го следи истиот пристап. Дури сега, под водство на претседателот Трамп, и тој дел од надворешната политика доби поголема независност, исткнува Мохан.

Индија и ЕУ, исто така, се согласија за рамка за подлабока соработка во одбраната и безбедноста, како и за посебен договор насочен кон олеснување на мобилноста на квалификуваните работници и студентите, сигнализирајќи дека нивното партнерство се протега надвор од трговијата.

Преговорите за договорот меѓу Индија и ЕУ добија нов импулс по строгите трговски тактики на американскиот претседател Доналд Трамп, вклучително и заканите кон неговите европски сојузници со казнени тарифи поради нивните приговори на обидот на Трамп да ја преземе контролата врз Гренланд.

-Целта на трговските договори или партнерствата во вид на стратегија за диверзификација, е да се управува со некои од неизвесностите и превирањата што доаѓаат во вашите долгогодишни односи за да се создаде поширока основа на поддршка и партнерства на кои нема да се потпирате премногу само на една земја. И во случај на проблеми тука, можете да отворите нови пазари, вашите компании имаат нови области во кои можат да инвестираат и да влезат и бизниси, итн., на некој начин управувате со неизвесностите со кои живеете денес, додава Мохан, виш соработник за Индија во Германскиот Маршалов фонд.

Според Мохан  самодовербата на Индија како клучна компонента на нејзиното постколонијално економско управување значи дека договорот претставува историско намалување на ограничувањата на земјата за странски увоз.

-Европа и Индија денес се потребни една на друга како никогаш досега. Иако ги видовме овие напори и ги видовме преговорите како траат повеќе од една деценија за овој договор за слободна трговија, но тој се случи само во овој конкретен геополитички момент и тоа кажува нешто за светот во кој живееме, вели Мохан.

Трговијата меѓу Индија и ЕУ изнесуваше 136,5 милијарди долари во периодот од 2024 до 2025 година.

Германскиот канцелар Фридрих Мерц  ја претстави Европската Унија како „алтернатива на империјализмот и автократијата“ која има можност да склучува договори со истомислечки партнери во свет на растечко соперништво меѓу големите сили.

-Секој во светот кој верува, и сакам ова да го разјаснам во овој момент, дека треба да користат царини против Европа за да креираат политика, мора да знае, и сега знае, дека сме подготвени и способни да се одбраниме доколку е потребно. Во последните недели јасно видовме колку многу можеме да постигнеме со единство. Единството е фактор на моќ во светот, изјави Мерц.

Двете страни со договорот кој го нарекоа мајка на сите договори се надеваат дека ќе го зголемат тој износ на околу 200 милијарди долари до 2030 година.

По овој историски договор меѓу Еврпската Унија и Индија, Трамп неделава објави трговски договор со Индија според кој Вашингтон ќе ги намали дополнителните царини за индиските стоки од 25 проценти на 18 проценти откако индискиот премиер Наре-ндра Моди ветил дека Њу Делхи ќе престане да купува руска сурова нафта. Одлуката беше објавена по телефонски разговор меѓу Трамп и Моди. Договор од кој Трамп очекува Моди да ги „намали на нула своите царини и нетрговски бариери против САД, како и да купи американска енергија, технологија, земјоделски и други производи во вредност од „над 500 милијарди долари“.

Кристина Кузмановски

 

 

 

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

(ВИДЕО) Претседателката Сиљановска за судските реформи: Без финансиски средства нема независно судство

Дејан Дејан

(ВИДЕО) Владеачкото мнозинство ги одбива амандманите за Закон за судска служба

Дејан Дејан

Земјоделците да се внимателни кога наводнуваат и користат механизација во близина на далекуводи – последиците можат да се сериозни предупредија од АД Мепсо

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе