Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Скопје против Марко Бислимоски, во својство на претседател на Регулаторната комисија за енергетика, поради сомнение за злоупотреба на службената положба и овластување.
Пријавата се однесува на непостапување согласно Законот за енергетика и подзаконските акти. Според Финансиската полиција, Бислимоски не отпочнал постапка за одземање на лиценцата на компанијата „Тритерол Петрол“, иако таа не ги исполнувала законските услови, туку донел незаконско решение за прекин на постапката.
На тој начин, лиценцата била одземена со задоцнување од околу 15 месеци, во кои компанијата продолжила да врши енергетска дејност и да учествува во јавни набавки. Со ваквото постапување, како што се наведува, „Тритерол Петрол“ остварила промет од над 194 милиони денари и противправна имотна корист од над 14 милиони денари. Основното јавно обвинителство Скопје треба да одлучи за понатамошното постапување по пријавата.
