Вести Македонија Топ вести

Европскиот пат со кочници, „под лупа“ подготвеноста за уставни измени – и укинувањето на техничката Влада во политички клинч

Европскиот пат низ призмата на идентитетот, јазикот и правата – старите тези повторно „на мегдан“ во Собранието. Евроинтеграциите и уставните измени станаа јадро на препирките помеѓу спротивставните табори во законодавниот дом, на денешните пратенички прашања.

Опозицијата предлага резолуција за заштита на идентитетот и јазикот, по што би следувале уставните измени поврзани со европскиот процес. Идејата ја изнесе пратеникот од Европскиот фронт, Скендер Реџепи. Премиерот Мицкоски му одговори дека ќе оди до крај, нема уставни измени ако не се исполнат двата за него клучни критериуми.

„Ние ќе направиме да имаме една резолуција и после таа резолуција да одиме со уставни измени, бидејќи од одлуката којашто ќе ја донесе Владата заедно со Собранието зависи иднината на граѓаните“, кажа Скендер Реџепи од Европскиот фронт. 

„Додека сум јас претседател на Владата, ако не бидат исполнети минимум два услови – првиот услов е македонската заедница во Бугарија да ги добие загарантираните права согласно меѓународното право и меѓународните конвенции и резолуции за човековите права. Не барам Устав да се менува. И второ, додека не добиеме гаранции за нашиот идентитет македонски, за којшто од вас очекувам поддршка како мој сограѓанин“, одговори премиерот Мицкоски. 

Во истата линија на политичко надмудрување, во изминатиот период се отвори и прашањето за укинување на техничката Влада.

Собранискиот спикер Африм Гаши денеска порача дека во моментов нема конкретен предлог до Собранието, нагласувајќи дека станува збор за чувствително прашање кое бара поширок политички договор, а не наметнати решенија. Иако законот, како што посочи, дозволува ваква одлука и без согласност од СДСМ, Гаши оцени дека пратениците не треба да се ставаат пред свршен чин, туку дека во овој момент е неопходен дијалог за што веќе се одржа и лидерска средба.

„Мислам дека треба да се договориме, а особено за такви работи за кои заедно се дошло до решение. Мислам дека подобро би било сите заеднички да се договориме кога престанува потребата од техничката Влада. Сега, ако се настојува да се пристапи инаетчиски или унилатерално и тврдоглаво да се застане зад некој став, тоа е друга работа. Но, треба да се аргументира“, изјави претседателот на Собранието, Африм Гаши. 

Од Социјалдемократскиот сојуз исто така се на став дека за вакви прашања е потребен широк политички консензус. Но, оттаму се цврсто убедени дека сега не е време за укинување на техничката Влада, велат потребно е истата да остане, со цел да се спречат злоупотреби за време на изборните процеси.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Од среда стапува на сила забраната за движење во шумите

Дејан Дејан

Мајката која го претепа тримесечното бебе претходно останала без родителските права за повеќе деца

Дејан Дејан

Одбележана 78 годишнината од прогонството на децата Македонци од егејскиот дел на Македонија – споменикот во Скопје вандализиран

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе