На 55 предмети работел осомничениот судија Ѓоко Ристов до денот на донесување на решението за времено оддалечување од судиската функција, велат од Апелациониот суд за Телма. Судскиот совет му го одзема имунитетот и Ристов сега е во домашен притвор, откако во куќа на неговите родители во Неготино беа пронајдени соѕидани 350 илјади евра.
- „Секако дека сме изненадени кога колега е инволвиран во такви настани“, кратко коментираше претседателот на Судски Совет, Александар Камбовски.
Незавршените предмети на Ристов сега се прераспределени по автоматски пат на останатите судии кои постапуваат во Кривичниот оддел на Апелациониот суд Скопје, по ист вид на предмети.
Ристов во 2020 година беше избран на судија во Апелација. Работел на повеќе случаи од јавен интерес, а чии одлуки наишле на критика од јавноста. Судскиот совет го казнил Ристов со кратење на 15 проценти на неговата плата бидејќи не се изземал од постапување во „Титаник 3“ кога стигнал на адресата на Апелација, иако за случајот одлучувал додека судел во Кривичниот суд. Камбовски не можеше во моментот да каже колку претставки имало за Ристов, но од негови колеги немало.
- „Во Судскиот совет има безброј претставки од прва не се сеќавам дека имало претставки за земање на мито или за нешто слично. Еден предмет колку што се сеќавам се водеше за негово неизземање во предметот, а требало да биде изземен“, додаде Камбовски.
Последната одлука за случај од јавен интерес на Ристов беше од март лани кога како дел од советот ја прифати понудената гаранција во имот од околу 600 илјади евра за да се пушти притвор обвинетиот Валмир Етеми, иако беше во бегство и се обидел да замине за Швајцарија. Етеми се гонеше дека бил организатор на 23-члена криминална група која се занимавала со трговија со дрога и оружје.
Ристов беше дел од советот кој одлучи да се пушти од куќен притвор Драги Рашковски, поранешниот генсек на Владата, со гаранција во имот од 192 илјади евра.
Бизнисменот Фијат Цаноски го обвини дека во фиока го држел предметот „Космос“ со цел истиот да застари и да не може да си ја наплати штетата од 11 милиони евра за уривањето на комплексот.
На тоа претходеше и одлуката на Ристов како претеседател на советот за намалувањето затворската казна од 18 на 8 години за Ангелчо Николов кој ја прегази 11-годишната Магдалена Иванова и нејзината мајка на пешачки премин во Велес, а потоа побегна и неколку дена се криеше од полицијата.
Најголема критика од јавноста имаше за одлучувањето за случаите против поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков. Случајот „Титаник 2“ за изборните нерегуларности застари. Мијалков беше осуден на три години, но пресуда Апелација со Ристов на чело на советот не донесе.
Ристов беше дел од советот заедно со Еневер Беџети, разрешениот судија кој се наоѓа и на црната листа на САД кои го пуштија Мијалков да се брани од слобода иако претходно не беше достапен на органите за прогон. Овие двајца судии заедно со уште тројца нивни колеги донесоа и одлука за поништување на пресудата за предметот „Таргет Тврдина“ во кој Мијалков беше обвинет.
Ристов сега е осомничен за за противправно стекнување и прикривање на имот, како и перење на пари.
Марија Митевска
Б.С.
