После неколку години континуиран пад, поддршката за членство во Европската унија (ЕУ) од страна на граѓаните во изминатата година значително се зголемила. За членство во Унијата се изјасниле 71 процент, споредено со 62 проценти во 2024 година, покажало истражувањето на Институтот за демократија спроведено теренски во периодот од 22 октомври до 5 ноември 2025 година, на репрезентативен примерок од 1.003 испитаници. Драстично зголемување на поддршката има кај етничките Македонци од дури 15 проценти, а таква промена е забележана и кај поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ, па од 43 проценти во 2023, доколку утре има гласање за влез во ЕУ, „за“ би гласале 70 проценти од нив. Истовремено се намалува процентот на граѓани кои сметаат дека Македонија не треба да прави ништо во врска пристапувањето, од 29 проценти во 2023 година, сега за пасивност гласале 21 процент, додека истовремено расте процентот кој смета дека земјата припаѓа на Запад, отколку на Исток, и е 47 проценти.
Причините за ваквите промени од Институтот за демократија го лоцираат во превирањата на геополитичката сцена, односно дека граѓаните се приклонуваат кон ЕУ поради тоа што во неа гледаат најголема безбедност, сигурност и перспектива.
„Континуирано кон ЕУ се гледа како на највлијателен и најдоверлив партнер на оваа земја и тоа не е случај само сега, туку е наназад веќе неколку години, а тоа е проследено со пад на перцепцијата кон САД“, рече Марко Трошановски, извршен директор на Институтот за демократија.
Дури 38 проценти од граѓаните во ЕУ гледаат и главен трговски партнер на Македонија, по што следи САД со 22.
Ваквите резултати амбасадорот на ЕУ во земјава, Михалис Рокас, ги нарече охрабрувачки, особено што граѓаните во ЕУ гледаат најдоверлив партнер, но за податокот дека 60 проценти граѓани сметаат дека земјата напредува кон ЕУ, рече дека е контрадикторно на Извештаите на Унијата дека земјата стагнира неколку години, при што побара да се погледнат тие факти. Тој побара обединување на сите чинители во земјава за да се забрзаат реформите, а испрати и порака.
„Меѓународното владеење на правото е нарушено. Живееме во геостратешка нестабилност и прашањето е како да изградиме доверливо партнерство и кому може да веруваме“, вели Рокас.
И за амбасадорката на Германија, Петра Дрекслер, резултатите се охрабрувачки.
„Не се работи само за економски придобивки кои македонските граѓани ги гледаат како движечки фактор и мотивација за пристапувањето во ЕУ, туку и чуството на припадност“, изјави Петра Дрекслер, амбасадорката на Германија.
Власта и опозицијата имаа свое гледање на истражувањето.
„Бројката која што смета дека ЕУ е неподготвена за проширување и тоа го смета како фактор во состојбата на евроинтеграциите е 26 проценти, сепак е значителен процент“, рече Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, претседател на Комисија за европски прашања.
„Еден многу добар податок, гласачи на ВМРО-ДПМНЕ изминативе две години, и тоа е најзначајна промена, има поддршка кон пристапувањето на земјава кон ЕУ“, рече Венко Филипче од СДСМ, претседател на Национален совет за евроинтеграции.
Дрекслер пак посредно им посочи дека секогаш постои простор за интерпретации на резултатите, но оти е одговорност на сите чинители кои споредлуваат исти цели наместо да се интерпретираат резултатите да го дефинираат патот напред и да направат напредок.
Тамара Грнчароска
