По речиси две децении во бегство, уапсен е 52-годишниот Бесим Ш., кој се бараше со меѓународна потерница за едно од најсвирепите злосторства во скопско. Во акција на албанските специјални единици во Тирана, македонскиот државјанин е лишен од слобода во рамките на полициската операција „Оперативна полиција“.

Бесим Ш. е главниот осомничен за крвавиот настан од 5 октомври 2007 година во селото Копаница, кога со огнено оружје беа ликвидирани тројца граѓани. Тој од полицијата досега се криеше со лажен идентитет и фалсификувани косовски документи.

При претресот во неговиот стан во Тирана, биле пронајдени фалсификуван косовски пасош, лична карта и возачка дозвола, сите со негова фотографија, но на туѓо име.
Покрај обвинението за тројното убиство во Копаница во 2007 година, албанското обвинителство му отвори предмет и за „Фалсификување исправа“. Сепак, главната процедура сега ја водат Интерпол Тирана и Интерпол Скопје, кои веќе ја започнаа постапката за негова екстрадиција во Македонија, каде го чека соочување со судот за грозоморниот чин.
