Вести Македонија Топ вести

Три обвинителки, судија и разрешен судија- кандидати за нов државен обвинител

Седницата на собраниската комисија за избори и именување за утврдување на кандидатската листа за нов државен обвинител најверојатно ќе биде наредната недела, изјави за Телма претседателот на комисијата Ѓорѓи Сајковски. Досега се пријавени 5 кандидати, а еве дел од нивните биографии.

Конкурсот е завршен, но Собранието ќе почека уште неколку дена за евентуална кандидатура за нов државен обвинител испратена по пошта. Досега се пријавиле 5 кандидати, три обвинителки, еден судија и еден разрешен судија.

Свои кандидатури до собранието испратиле Владимир Панчевски, Лидија Раичевиќ, Ленче Ристоска, Ненад Савевски и Анита Тополова – Исајловска.

Исајловска е актуелен в.д. државен обвинител и назначена по оставката на Љупчо Коцевски, обвинителка е од 2009-та и со 7 години кариера ги прескокнува сите три скалила во хиерархијата, од основен до обвинител во државното обвинителство каде стапува на функција на 44-годишна функција во 2016-та година. Се обиде да го сопре предметот за нелегално финансисрање на ВМРО-ДПМНЕ во предметот на СЈО, Талир, но нејзиното БЗЗ не беше прифатено од Врховниот суд.

-Мотивите поради кои одлучив да се пријавам за функцијата се пред се моето долгогодишно професионално искуство, институционалниот ангажман и непосредниот увид во досегашното функционирање на јавнообвинителскиот систем на сите нивоа, поради кои сметам дека можам искрено и реално да придонесам за подобрување на состојбите во обвинителството, одговори на прашањата на Телма, актуелната државна обвинителка Тополова-Исајловска.

На случајот Талир како обвинител работи и втората кандидатка Ленче Ристоска, поранешна обвинителка во СЈО која сега е македонски обвинител за врска со Еуроџаст, европскиот механизам за правда и истраги. Со нејзино барање е замрзант имотот и белата палата на ВМРО-ДПМНЕ, а владеачката партија ја спречи нејзината кандидатура за судот во Стразбур. Поради навредливите критики таа ја тужеше партијата на Мицкоски кој јавно критикува за нејзината улога во СЈО.

Лидија Раичевиќ е обвинителка во скопско обвинителство и го води случајот за финансиските злоупотреби со спортските ваучери во кој го гонеше поранешниот директор на Агенцијата за спорт и претседателот на Македонскиот олимписки комитет. Претходно беше и обвинителка во обвинителството за гонење организиран криминал и по трет пат се кандидира.

Ненад Савевски е судија кривичар во скопскиот суд во одделот за гонење организиран криминал, а го судеше предметот за убиството на мигрантката Фатмата. Претходно беше обвинител и еден од двајца кандидати кои имаат завршено Академија за судија и обвинители.

Последниот на листата, а прв со официјално објавена кандидатура е поранешниот претседател на скопскиот кривичен суд Владимир Панчевски кој беше осуден за злоупотреби со АКМИС системот иако пресудата се влечеше со години низ судскиот систем. Интересно е што една од одлуките со која му одбива жалба ја потпишал актуелниот притворен апелационен судија Ѓоко Ристов.

Во условите за државен обвинител не е наведена неосудуваност на кандидати. По комплетирањето на кандидатската листа, таа се испраќа во влада која ќе чека мислење за сите пријавени од Советот на обвинители и ќе го утврди својот предлог.

Миомир Серафиновиќ

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Земјотрес со јачина од 3 степени во Тетово и Гостивар

Дејан Дејан

Шасивари министер за правда, Сулејмани за култура – кои се предлозите на Влен за нови министри

Дејан Дејан

Македонскиот поп-пејач и композитор Владо Јаневски почина на 65-годишна возраст

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе